1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посмртните останки на Мандела пристигнаа во Преторија

БГ/макфакс11 декември 2013

По вчерашната комеморација во Јоханесбург, ковчегот со посмртните останки на Нелсон Мандела денеска беше префрлен во Преторија каде граѓаните ќе можат да му оддадат последна почит.

https://p.dw.com/p/1AXCR
Фотографија: Reuters

Погребната поворка, која ги придружуваше посмртните останки на Нелсон Мандела пристигна во седиштето во Владата во Преторија, а на улиците беа присутни илјадници луѓе, кои сакаат да му оддадат поледна почит на херојот во борбата против апартхејдот.

Од попладневно граѓаните ќе можат да поминат покрај телото, кое ќе биде положено во комплексот Јунион Билдингс, каде Мандела е инаугуриран за претседател во 1994. година и ќе можат да му се поклонат на светскиот борец за мир. Граѓаните ќе можат да му оддадат последна почит на Мандела и утре и задутре. В сабота телото ќе биде префрлено во неговото родно место, 700 километри јужно од Јоханесбург, каде ќе биде погребан в недела. Мандела почина во четвртокот на 95-годишна возраст.

На стадионот во Јоханесбург вчера беше одржана свечена комеморација, на која присуствуваа голем број светски лидери. Американскиот претседател Барак Обама ги спореди политичките постигнувања на носителот на Нобеловата награда за мир, Мандела, со животното дело на основачот на индиската држава Махатма Ганди, големиот американски претседател Абрахам Линколн и борецот за човекови права, Мартин Лутер Кинг. Заслугите на Мандела за слободата и демократијата се во редот на овие историски великани, изјави Обама на комеморацијата.

Меѓу почесните гости беа и германскиот претседател Јоахим Гаук, францускиот претседател Франсоа Оланд, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, кубанскиот лидер Раул Кастро, бразилската претседателка Дилма Русеф.