1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посредничката комисија - единствена шанса!

27 ноември 2003
https://p.dw.com/p/AeSZ
Во Германија работите не се добри. Економскиот пораст е најмал во Европа, невработеноста останува на високо ниво, државното задолжување достигнува рекордни височини и само со кршење на европските договори за монетарната унија можеа да бидат спречени санкции на Европската комисија. За да се излезе од ваквата долина на плач, канцеларот Герхард Шредер и неговата влада се потпираат врз нејасната надеж дека следната година економската ситуација ќе се подобри. И, навистина, првите знаци за извесно заживување се чини ги оправдуваат ваквите надежи.

Затоа, како што аргументира владата, мора предвреме да се почне со третиот степен на даночна реформа, на почетокот на следната година, иако за такво нешто нема разумно буџетско покритие, а брегот од долгови расте и натаму. Максимата на канцеларот гласи - да се остави се што му пречи на порастот и да се направи се што поттикнува економско заживување. Според зборовите на Шредер, веќе божикните бизниси треба да придонесат за покренување на конјуктурниот мотор.

Но, сите овие размислувања фрлаат светло врз слабостите на оваа влада. Герхард Шредер и неговата црвено-зелена коалиција ја загубија довербата на избирачите. Во најкраток можен рок по изборите од минатата година, разултатите од истражувањта на јавното мислење покажуваат дека на социјалдемократите им веруваат под 30% од граѓаните. Луѓето се спротивставуваат на потрошувачката и нивните пари ги ставаат на конто, зашто не и веруваат на иднината. Луѓето се преплашени од гаранциите на владата за скок напред, која денеска најавува реформи кои утре повторно ќе бидат релативирани, која ветува даночни олеснувања, а на партиските конгреси донесува заклучоци за зголемување на даноците и за дополнителни давачки.

Ваквата доверба не може да се придобие повторно само со натамошно врткање и плеткање. Единствената шанса што црвенозелената коалиција сеуште ја има се преговорите во рамки на Комисијата за посредување на Бундестагот и Бундесратот, околу намалување на даноците и реформа на пазарот на работа сила. Ако тука се дојде до компромис со опозицијата, тоа може да биде сигнал за чекор напред кон пораст. предуслов за такво нешто е и намалувањето на отпорот на синдикатите околу пречките во вработувањето и тоа - бчагодетите од намалувањето на даноците да не падне на грбот на следните генерации.