1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постигнат договор за банкарска унија во ЕУ

Б. Ригерт/ап/Б. Георгиевски19 декември 2013

Министрите за финансии на ЕУ синоќа постигнаа договор за потесно поврзување во ткн. банкарска унија. За дел од министрите, договорот е историски, за аналитичарите тој е недоволен и лошо осмислен

https://p.dw.com/p/1AcNO
Фотографија: Fotolia/Szabolcs Szekeres

Божикната порака гласи: Европа функционира, се шегуваше добро расположениот германски министер за финансии Волфганг Шојбле на почетокот на преговорите на 28. министри за финансии на Унијата за банкарската унија. На договорот му претходеа повеќемесечни преговори и дводневна маратонска седница. Последните правни финеси треба да се дотераат до февруари следната година, но политичкиот договор е постигнат. Основата е заеднички фонд кој десет години ќе се полни со пари од банките и кој на крајот треба да достигне сума од 55 милијарди евра. Од тој фонд ќе се префрлаат пари за спасување на банки, но и за затворање на оние банки кои ќе банкротираат.

Од 2014. година, 130 наважни банки во Европа ќе бидат под директна контрола на Европската Централна банка. Доколку некоја банка банкротира и треба да биде санирана, во сила ќе стапува Заедничкиот механизам за спасување СРМ. Кога некоја банка ќе навлезе во криза, на одговорност најпрво ќе бидат повикани нејзините акционери и доверители. Сите штедни влогови до 100 илјади евра ќе бидат гарантирани и тоа ќе важи за сите земји-членки на ЕУ. Последниот збор во решавањето на судбината на банките ќе го има Советот на министрите за финансии, а не Европската комисија.

Според претседателот на Европската централна банка, Марио Драги, кој ќе раководи со супервизијата на банките, целиот модел може да се покаже и како премногу комплициран и да одзема премногу време. Според Драги, во итни ситуации треба да се има можност експресно да се делува. Германскиот министер Шојбле, пак, ги отфрли ваквите стравувања. Според него, договор може да се постигне и за „еден викенд“. Шојбле го поздрави договорот како историски чекор во насока на стабилизација на банкарскиот сектор. Во сличен тон, и францускиот министер Пјер Московиси му даде историска димензија на договорот.

Wolfgang Schäuble Treffen der EU Finanzminister in Brüssel 18.12.2013
Волфганг ШојблеФотографија: DW/B. Riegert

„Тој е добар како за граѓаните, така и за стабилноста на финансискиот сектор, а функцијата му е да го прекине ѓаволскиот круг на банкроти на банки кои потоа предизвикуваат должнички кризи“, рече Московиси.

Дупки во правилата

Економските аналитичари не се одушевени од новите правила на ЕУ. Експертот од бриселскиот тинк-танк Бригел, Жолт Дарваш вели дека новото законодавство има премногу проблематични точки и дека не ја пополнува празнината во транзицискиот период меѓу банкротот на една банка и акциите на националните влади, како што се покажа при кризите во Шпанија и Ирска. Аналитичарите предупредуваат и дека сумата од 55 милијарди евра која е предвидена како гаранција, не е доволна за да се излезе на крај со тешки банкарски кризи како онаа од 2007- 2008 година, за која беа потребни стотици милијарди евра помош.

Постигнатиот договор го поздрави и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо. Според него, банкарската унија ќе ги заштити европските даночни обврзници да плаќаат од сопствениот џеб во некоја следна финансиска криза.