1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постои ли единство во ЕУ околу предлогот на Ахтисари?

Бернд Ригерт / Филип Славковиќ31 март 2007

Втор ден од неформалната средба на ЕУ во Бремен

https://p.dw.com/p/Aby8
Дел од учесниците на средбата во Бемен
Дел од учесниците на средбата во БеменФотографија: AP

Домаќин на министрите за надворешни работи од 27-те земји на ЕУ е германскиот министер Франк-Валтер Штајнамер како претседавач со Советот на Унијата. Денеска во нејзината работа се придружи и македонскиот министер Антонио Милошоски. Шефовите на дипломатиите на Македонија, Хрватска и Турција, земји со статус на кандидати за членство во Унијата, беа поканети да учествуваат на разговорите за време на работниот ручек, кога стана збор за односите со Иран во врска со неговата атомска програма.

Европските министри во Бремен гласно порачуваа дека ЕУ е единствена во подршката на процесот за решавање на статусот на Косово врз основа на планот на специјалниот пратеник на ОН Марти Ахтисари. Во Унијата не постои согласност каков треба да биде идниот статус на Косово, зборуваа дипломатски извори по првиот ден на неформалната средба. Грција, Словачка и Романија, според зборовите на словенечкиот министер Димитриј Рупел, изрично се противат на независност на Косово - во почетокот под меѓународен надзор и го подржуваат руското барање за обновување на преговорите. Подоцна министрите на Грција и на Словачка Дора Бакојани и Јан Кубиш го демантираа тоа.

Домаќинот на собирот Франк-Валтер Штајнмаер како да се чувствуваше изневерен од ваквата дебата. “Со оглед на дискусиите што ги водевме денеска меѓусебе, просто и едноставно не е точно дека нема единство и не знам зошто некои се трудат да внесат поделба меѓу членовите на ЕУ. Разговорите сега ги развиваме врз основа на согласноста што ја постигнавме уште во февруари, пред објавувањето на предлогот за статусот” – рече Штајнмаер.

Пред министерскиот состанок тој имал одовени средби со колегите од Франција, Велика Британија, Словачка и Италија, во моментов сите членки на Советот за безбедност. Бил договаран механизам за усогласување на нивните ставови. Штајнмаер извести дека се водат разговори и со Русија, но без успех, оти не дошло до видна промена на рускиот став.

И еврокомесарот за проширување на Унијата Оли Рен во разговор за Дојче Веле тврди дека во Унијата постои единство околу подршката на процесот за решавање на статусот на Косово. “Во суштината на решението за Косово, всушност, е единството на ЕУ. Зошто? Оти единството на Европа е неопходно за да се дојде до резолуција во Советот за безбедност на ОН, што е битно и за меѓународен легитимитет и за давање стабилна законска основа за улогата на ЕУ на Косово по решавањето на статусното прашање”. ЕУ ја подготтвува досега најголемата мисија за цивилно решавање на кризи и не може да си дозволи неуспех. Но, Рен не сакаше да каже дали со сите членки на ЕУ е постигната согласност и околу понуденото решение за идниот статус.

Според плановите на претставникот за надвореша политика Хавиер Солана, ЕУ би можела да испрати до 1500 дополнителни полицајци, судии и експерти на косово за да помогнат во изградбата на државата, откако ОН ќе донесат решение за статусот на Косово. Според Штајнмаер, останува подадена раката на ЕУ за Србија. Европските министри уште еднаш потврдија дека Србија на подолг рок треба да стане членка на Унијата.

За другите теми од средбата во Бремен

Во дипломатската криза по заробувањето на 15 британски маринци од страна на иранската војска, европските министри во заедничка декларација во целост застанаа зад британската влада. “Европскиот став во однос на ова е јасен: 15-те британски државјани мора неодложно да бидат ослободени. Велика Британија може да смета на цврста и нескршлива солидарност на сите Европејци” – рече Франк-Валтер Штајнмаер. ЕУ изрично го осуди постапувањето на иранските власти, кои на британските војници им префрлуваат дека навлегле во ирански територијални води.

На претставникот на Унијата за надворешна политика Хавиер Солана му е даден налог да воспостави контакт со режимот во Техеран. На забелешките од Техеран дека ЕУ се меша во внатрешните работи на Иран, Солана возврати дека секој Британец е и граѓанин на ЕУ, па таа секако е повикана да се вмеша. “Раководството на Иран мора да го разбере следново: ако нешто им се случи на граѓани на ЕУ, таа реагира солидарно со тие граѓани, нибната земја и сите земји-членки. Поради тоа нема да попуштиме со поставувањето барања на Иран”.

Засега не се спомнуваат санкции, а за соодветни мерки треба да се решава подоцна.

Европските министри искажаа и надеж дека по самитот на арапската лига се укажува нова шанса за блискоисточниот мировен процес. Тие се консултираат и за тоа каков став да заземат спрема новата палестинска влада на национално единство. “Би била фатална политичка грешка ако сега не воспоставиме никаков контакт со таа влада” рече луксембуршкиот министер Жан Аселборн.