1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потесна соработка за поголем стопански пораст

АТ/ епд27 март 2013

Петте земји членки на БРИКС ја засилуваат економската соработка. Освен формирање на развојна банка, тие договорија и Стопански совет кој ќе треба да ги поттикнува инвестициите.

https://p.dw.com/p/184zf
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со заедничкиот Стопански совет петте држави на БРИКС ќе постигнат уште потесна соработка. На самитот во јужноафриканскиот град Дурбан шефовите на држави или влади  на Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република денеска постигнаа согласност за формирање на Советот. „Нашите можности се огромни“ изјави претседателот на Јужноафриканската Република Јакоб Зума. Во Советот треба да членуваат претставници од стопанството и политката. „Членовите ќе треба да играат активна улога за да се забрза економската соработка и партнерство меѓу претпријатијата на земјите членки на БРИКС“, појасни Зума. Советот треба да придонесе за поедноставување на инвестициите и трговијата меѓу петте земји членки на сојузот, да овозможи трансфер на технологии и да работи на позасилено вмрежување на финансиските системи. За претседател е избран јужноафриканскиот милијардер Патрис Мотсепе.

Уште на почетокот на самитот, вчера државите на БРИКС постигнаа согласност за формирање развојна банка. Банката треба да биде опремена со 50 милијарди долари капитал и да финансира инфраструктурни проекти во развојните земји. Секоја од петте членки на БРИКС треба да придонесе со десет милијарди долари. Деталите, на пример во која земја треба да биде седиштето на банката, ќе се утврдуваат дополнително. Светска банка ја поздрави одлуката за формирање нова банка.

Петте држави на БРИКС во изминатите години забележаа висок економски пораст и се сметаат за важни политички актери за иднината. Во моментов петте земји во развој сочинуваат повеќе од 40 проценти од светското население и произведуваат една петтина од светскиот економски учинок.