1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поткупувал ли Дојче Телеком во Македонија?

15 септември 2010

Дојче Телеком вршел поткупи во Македонија во 2005 година? Тогашниот премиер Бучковски вели оти има доволно показатели за можни злоупотреби, но тврди оти неговата влада не била вмешана. Партиите меѓусебно се обвинуваат.

https://p.dw.com/p/PCsJ
Седиштетот на Дојче Телеком во БонФотографија: AP

Бурата од сомнежи дека политичари во Македонија биле корумпирани да го штитат монополот на Телеком ја зафати и Македонија, откако секој ден дозирано од Германија стасуваат нови детали од истрагата што се води во Бон. Станува збор за сомнителни зделки од периодот меѓу 2004 и 2006 година. Македонија уште пред неколку години распиша потерница по тогашните менаџери на Мактелеком. Но, многу пострашно звучи веста дека во 2005 Дојче Телеком потрошил седум милиони евра за подмитување на владини службеници. Тогашниот премиер Владо Бучковски во екслузивна изјава за Дојче веле објаснува. „Таков обид насочен кон мене немаше. Дали имало такви обиди да се направи кон другите структури, кои се инволвирани во носењето на едно законско решение, неможам да потврдам. Такашто 2005-та година, кога наводно започнале сомнителните трансакции за евентуално лобирање, можат евентуално да бидат поврзани само за еден проект, кој тогаш беше круцијален воопшто за сите присутни на пазарот во Република Македонија, тоа е законот за електронски комуникации. Тој законски проект беше под лупа и на Европската комисија, затоа што беше еден од условите, од кои зависеше и кандидатскиот статус на Република Македонија. Значи инволвираноста на Европската комисија, инволвираноста на повеќе експерти, кои во тоа време беа од USAID, GTZ, остава сега простор за дилема, дали евентуално во тој дел, пред да дојде тој законски текст во парламентот, е правена определена злоупотреба. Но, во секој случај, додека јас бев претседател на Владата немаше ниту една опиплива каква било информација, која можеше да навестува такво нешто.“

Telekom Symbolbild mit Kamera
Дојче ТелекомФотографија: AP

Партиите со меѓусебни префрлувања

Wahlen Mazedonien Premierminister Vlado Buckovski
Владо Бучковски, поранешен премиер на МакедонијаФотографија: AP

Политичките партии во Македонија ја искористија истрагата во телекомуникациските компании за меѓусебна пресметка. СДСМ беше на власт во годината што е под истрага, но смета дека злоупотребите датираат од поодамна. „Дали скандалот со префрлувањето на 120 илјади евра од Телеком на партиската фирма на ВМРО-ДПМНЕ, ’Аналитико АИ’, во пресрет на изборите во 2006 година, а во која се инволвирани денешните најблиски соработници на премиерот е дел од оваа афера и второ колку оваа афера всушност е поврзана со улогата и потписот на премиерот Груевски на приватизацијата на Телекомот во 2001 година?“ праша Зоран Јовановски од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ возврати: „Шесте спорни договори за консултантски услуги, коишто се предмет на истрага се токму во владеењето на СДСМ од 2004 до 2006 година. Тогаш кога во бордот на директори на Македонски телекомуникации членуваа луѓе делегирани од страна на Социјалдемократскиот сојуз, Дејан Мицковиќ, претседател на бордот на директори, и мислам дека во бордот беше и господинот Ванчо Узунов“, изјави Сашо Стефановски.

„Ниту една Влада неможе да се амнестира од одговорност“

Поранешниот директор во Телеком Симо Груевски смета дека ниту една Влада неможе да се амнестира од одговорност за малверзациите во оваа компанија. „Секоја од овие влади имаат некое фајде видено од Телекомот, затоа што преку Телекомот се испраа многу пари. Во кој обем и кои личности, тоа треба да го пронајдат и констатираат истражните органи.“

Dossier Telekom Bild 3 Flaggen vor Telekom
Дојче ТелекомФотографија: AP

Министерот за транспорт Миле Јанакиевски како утеха, дека ваквите афери го валкаат имиџот на земјата во очите на потенцијалните странски инвеститори, вели дека Македонија е дел од меѓународната истрага во која е вклучен германскиот конзорциум. „Не е добро да се има таква афера, но таа е глобална, не е тоа афера која се случува во Македонија, аферата е на ниво на конзорциум, на самиот Телеком. Македонија е само еден сегмент од целата афера, такашто драстично беше или е нарушен имиџот на самата компанија.“

Македонски телеком беше приватизиран во 2001 година. Оттогаш компанијата неможе да се ослободи од баластот на сомнежите за постојани манипулации, незаконски одливи и перење пари. Сенката може да ја отргне само истрагата ако аргументирано со докази окрие кој се’ ги полнел џебовите со парите од Телеком.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска