1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потрагата по преживеани во земјотресот во Турција продолжува

25 октомври 2011

На истокот на Турција продолжува битката за човечки животи. Спасувачките екипи работат деноноќно за да извлечат уште некој преживеан од под урнатините. Досега во земјотресот загинале најмалку 279 луѓе.

https://p.dw.com/p/12yB3
Фотографија: picture-alliance/dpa

Десетици илјади луѓе ја минаа и втората ноќ под отворено небо, во своите автомобили или собрани околу мали логорски огнови во градовите кои беа речиси уништени од разорниот земјотрес кој ја погоди источна Турција во неделата.

Бројот на жртвите во катастрофата утрово достигна 279 луѓе, но стотици луѓе се уште се водат како исчезнати. Повредени се 1.300 луѓе. Во текот на ноќта спасувачките екипи спасиле 7 луѓе од под урнатините. Потрагата по преживеаните продолжува и натаму.

Во катастрофата се уништени преку 2.000 згради, а најсилно погодена е областа Еркис.

Премиерот Реџеп Таип Ердоган, кој пристигна во регионот, предупреди дека билансот на загинатите може да биде многу поголем, поради големиот број на жртви кои екипите ги наоѓаат под урнатините. Тој истакна дека ситуацијата е особено страшна во Еркис, округ со население од околу 100.000 луѓе, каде што се урнаа преку 80 станбени згради, вклучувајќи и еден студентски дом.

Türkei Erdbeben
Фотографија: dapd

„Од причина што повеќето згради се направени од керпич, тие се многу почувствителни на земјотреси. Морам да кажам дека сите такви згради во регионов се урнаа“, рече Ердоган.

Тој им се заблагодари на сите држави кои понудија помош, но истакна дека Турција може сама да се справи со своите катастрофи.

Во моментов на терен се наоѓаат 2.400 спасувачи, 680 медицински лица и 145 возила на брзата помош. Во потрагата по преживеани се вклучени и шест батаљони на турската армија, како и 12 специјално обучени кучиња. Шест хеликоптери и авиони „Ц-130“ оперираат во областа и ги пренесуваат потешко повредените, како и шатори, храна и медицински материјали. Новинарските екипи на теренот јавуваат дека уште стотици луѓе се заробени под урнатините бидејќи можат да им ги слушнат гласовите. Екипите користат софистицирани опрема за слушање за да ги пронајдат преживеаните, а еден преживеан се спасил со тоа што повикал помош преку својот мобилен телефон.

Турската Црвена полумесечина воспостави привремен логор на стадионот во градот Еркис, и подели 13 илјади шатори за 40-те илјади луѓе кои останаа без домови, иако точни проценки за оние кои останаа без покрив над главата се уште нема.

Граѓаните, особено оние од поодалечените села се критични кон помошта која ја добиваат. Во едно село велат дека добиле 25 шатори за вкупно 150 семејства, па поголемиот дел од луѓето ноќта ја минале под отворено небо на зимски температури.

Од турскиот Сеизмолошки институт „Кандили“,  тврдат дека нивните проценки упатуваат на помеѓу 500 и 1.000 загинати во катастрофата, која беше силно почуствувана и во соседните Иран и Ерменија. Турција лежи на сеизмички активно подрачје и често пати се случуваат земјотреси со различна јачина.

Експертите сега велат дека турските власти ќе мора да одговорат на прашањето зошто не ја засилиле градежната регулатива по толку многу земјотреси, за зградите да бидат поотпорни. Тие велат дека постојано им повторуваат на властите дека самите земјотреси не ги убиваат луѓето, туку лошата градба на зградите.

Автор: БГ/ ројтерс

Редактор: А.Трајковска