1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потребен е компромис

Горан Петрески 1 октомври 2008

Македонија има перспектива во ЕУ, е пораката што европратеничката Ангелика Беер ја испрати во Скопје. Според Беер за решение за спорот околу името е потребен компромис. Грчката позиција на условување е неприфатлива.

https://p.dw.com/p/FSMF
Европратеничката Ангелика БеерФотографија: AP

Европскиот парламент смета дека треба да се смири дискусијата во врска со прашањето за името и да се најде решение за две прашања. Прво за почеток на преговори за членство во ЕУ, и второ, што е исто така многу важно да се постигне договор за членство на Македонија во НАТО, изјави во Скопје германската европратеничка од редовите на Зелените, Ангелика Беер.

Грчката позиција е неприфатлива

Европратеничката додаде, дека компромис мора да се направи и да им се покаже на Македонците, оти и во иднина ќе бидат Македонци „Грчката позиција е неприфатлива според наше гледиште, бидејќи има договор според кој прашањето за името не е услов за зачленување на земјата во меѓународните организации. Затоа ЕУ, а особено НАТО мора да се обидат да влијаат врз грчката страна и да постигнат договор да и се даде на Македонија некое име. Како на пример, мојата земја е Сојузна Република Германија, но се нарекуваме и Дојчланд. Мора да има начин да се најде компромис, да им се покаже на луѓето дека се Македонци, дека ќе бидат Македонци и во иднина, и дека никој не сака да го допира тој факт“- изјави Беер.

Средби со македонските политичари

Германската европратеничка во Скопје имаше средби со македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, и со пратениците, Александар Николовски, Тито Петковски и Џевад Адеми, како и со лидерот на ДУИ Али Ахмети.

По средбата со Беер, Ахмети изјави дека таа сакала да го слушне ставот на ДУИ во врска со спорот за името, како и за уставните измени во врска со изборот на претседател на државата и за измената на изборниот законик. „Ние го поддржуваме уставното име на Македонија, но истовремено сакаме да станеме членки на ЕУ и НАТО“- изјави шефот на ДУИ, Ахмети по средбата со Беер.

За решение на спорот со името потребна е јавна дебата

Европратеничката смета и дека за прашањето за името треба да се дискутира и во македонскиот парламент и за тоа да се разговара отворено и на јавни дебати, со цел да се најде заедничко решение и компромис: „Сакам јасно да кажам дека мојата партија и мнозинството пратеници во европскиот парламент, сакаат да видат почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ уште оваа година, бидејќи иако имаше некои проблеми во последно време, особено за време на изборите, сметаме дека сме одговорни да и дадеме на Македонија, на цивилното општество во земјата јасен сигнал дека Балканот, а особено Македонија е дел од ЕУ.“- истакна Беер.