1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потребен е нов опис на текот на историјата

Франк Хесенланд5 мај 2008

Иднината на нашето општество мора да ја промени нашата историја, констатираа поедини историчари и политичари на една конференција, организирана од Гете-институтот и германското Министерството за надворешни работи.

https://p.dw.com/p/DtfO
Каква историја за ученици со мигрантско потекло во Германија?Фотографија: AP

Во Германија денес десет проценти од населението се доселеници од странство, по неколку години ќе бидат 20 насто. Какво влијание има големата миграција  врз германското сфаќање за себе, врз германската нација од културен аспект? Хелге Дитрих, наставник од Берлин понекогаш не е на чисто во однос на она што секојдневно го доживува: дали е тоа сонот од 68-ма за мултикултурно општество, национален предизвик или општествен кошмар? „Имам една германска ученичка, сите други ученички и ученици се дојдени од други држави“, вели овој наставник по историја.

Патот од национално кон миграционо општество му создава значителни проблеми: „Кај нас во училиштето имаме ученици од Турција, Либан, од многу други различни земји. Тие воопшто не го разбираат контекстот на работите, имаат сосем други историски интереси според тоа од каде доаѓаат, за разлика од ученик кој доаѓа од нашиот културен круг. Објаснете им го, тогаш, значењето на црквата во Средниот век, ако ученикот смета дека христијанството е религија на која не и’ припаѓа и ја одбива“ - вели Хелге Дитрих.


На учениците-мигранти мора да им се раскажува и нивната историја


Неговите ученици - и не само тие - се прашуваат зошто треба да ја учат националната историја на германското општество, која е толку туѓа на нивниот културен и семеен хоризонт? И, го одбиваат тоа, одбиваат интеграција.

Социолози како Ханјц Буде, експерт за развој на германското општество, се сигурни дека на учениците-мигранти мора да им се раскажува и нивната историја, ако во иднина сакаме да се идентификуваат со овдешната држава и нација. Тие бараат нов опис на текот на историјата, за да се одговори на потребите на една фактички мигрантска нација.

„Мора да се развие идеја за тоа, германската историја секогаш да се раскажува како историја на интеграции. Токму германската историја на постепена интеграција, на успешни и пропаднати обиди за интеграција - мислам дека тоа би било вистинското“ - смета Ханјц Буде.


Германско-францускиот однос пример и за грчко-турските односи


Екин Делигез, пратеничка на Зелените во Бундестагот и нивен претставник за проблематика на деца и младинци, се чувствува директно засегната, оти е со турско потекло и гледа цела редица шанси: „Мора да се има храброст аголот на гледање на работите од национална, да се прошири на глобална перспектива. Пример за тоа е германско-францускиот однос. Од тоа искуство може да се учи, и во мојата историја да се префрли и врз грчко-турските односи: дека има шанса за надминување на непријателствата, дека притоа во историјата има најдобри примери од практиката, и оти можеш и самиот да бидеш носител на таа порака за меѓусебно доближување. Ние сме предодредени, ако добиеме шанса, од неа и да научиме“.


Недостасуват и историчари и наставници за интеркултурната историја


Но, времето притиска. Според демографските прогнози веќе по 10 години повеќе од половина од учениците во големите германски градови ќе бидат со странско потекло. Недостасуваат историчари кои ќе ја истражуваат интеркултурната историја, токму како и наставници кои ќе можат да ја пренесат. Допрва претстои дури и општествена дебата за востановување соодветни истражувачки институти.

►◄