1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потребни се темелни промени, а не козметички измени

9 октомври 2009

Реформи на правниот однос меѓу граѓанинот и државата и обработување на неправдата од државата врз нејзините граѓани за време на социјализмот-тема на конференција во Скопје во организација на фондацијата „Фридрих Еберт“.

https://p.dw.com/p/K2j5
Седиштето на фондацијата „Фридрих Ееберт„ во БерлинФотографија: picture-alliance/ ZB

Македонската држава со наполнети 18 години е полнолетна. Но, и покрај тоа, се‘ уште е соочена со породилни детски маки на тој транзиционен пат од социјалистичка во демократски правна држава. Многу од поранешните социјалистички држави во Европа побрзо стигнаа до целта. Кои се нивните искуства и препораки за Македонија на тој пат беше тема на расправа на меѓународноправна политичка конференција, која се одржа во Скопје.

Молчењето не помага

Германија се соочи со овие проблеми по падот на Берлинскиот ѕид. Кои се германските искуства и препораки од тој пат? Др. Јенс Хитман од Сојузната фондација за лустрација на неправда сторена од државата за време на комунистичкиот режим, вели дека е многу тешко да се зборува за решавање на овој проблем бидејќи секој народ има своја историја. Тој смета дека човековите права се многу важни и сите оние кои ќе ги повредат треба да бидат гонети. Во Германија беше основан еден орган кој им даде можност на сите новинари и научници да имаат увид во актите од комунизмот. Тие коишто работеа во тајната служба не можат да работат во администрацијата и управата. На Македонија и‘ препорача да има еден отворен и самокритичен пристап по овие прашања за да може да се реши проблемот во иднина. Според него, молчењето никогаш не помага.

Секоја земја е во различна ситуација

Др. Герд Хајнрих Кемпер, поранешен претседател на Покраинскиот уставен суд во германската покраина Саксонија појаснува: „Јас од 1996 до 2007 година работев во суд во Источна Германија и имав можност да доживеам премин од комунистичкиот систем во нов, демократски. Морам да кажам дека тоа не беше лесно, граѓаните имаа предрасуди кон судиите кои порано биле политизирани, што значи беше потребен период на транзиција. Јас не можам да ви дадам препораки, затоа што секоја земја има различна ситуација во која ја гради својата правна држава. Меѓутоа, како судија, убеден сум дека е потребно силно управно судство, како и контрола на државните органи за да се гарантира заштита на граѓаните.“

Deutschland Stasi Akten Birthler Tätigkeitsbericht
Увид во актите е важен чекор кон промениФотографија: AP

Патот да се изоди со сопствени сили

Чешка, пак, за разлика од Германија беше сама на тој пат, а за искуствата зборува проф. др. Војчек Симицек од Правниот факултет во Брно, судија, претседавач на Врховниот управен суд на Република Чешка: „Од правен аспект Чешката Република имаше правен континуитет на прописите од Чехословачката комунистичка држава. Во областа на правото, мислам дека постои еден многу важен принцип, а тоа е дека во судовите и на универзитетите треба да работат нови способни луѓе кои можат да ги имплементираат правните прописи. И она што е посебно важно од нашето искуство - во судовите да не работат само професионалци судии, туку и луѓе од приватната сфера и универзитетите. За разлика од Германија, ние имавме слабости затоа што немавме искуства од стручњаци кои би не‘ поддржале. Мојата препорака до Македонија е во таа насока, бидејќи тоа може да биде од предност за транзицијата која треба да дојде од внатре, со сопствени сили да се изоди тој пат.“

Mazedonien Justiz Akte
Хиперпродукција на закони е контрапродуктивнаФотографија: Petr Stojanovski

За македонските искуства и препораки, проф. др. Ана Павловска Данева од Правниот факултет при Скопскиот универзитет, вели: „Најпрво, во поглед на македонската легислатива, што се однесува до регулирањето на односите меѓу граѓаните и државата, според мене треба да се направат сериозни темелни реформи, а не само козметички измени. Нив ги правиме речиси секојдневно и со тоа го доведовме нашето општество, посебно граѓанинот, да не може да си ги распознае своите права во една ваква хиперпродукција на законски норми кои во принцип ништо не значат.“

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска