1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пофалби и критики за германската влада

Зоран Јордановски1 март 2006

Германија пред точно 100 денови ја доби првата жена на чело на владата: Ангела Меркел

https://p.dw.com/p/Ac8W
Меркел со британскиот премиер Блер
Меркел со британскиот премиер БлерФотографија: AP

Меркел ја презема функцијата канцелар на големата коалиција на партиите на Унијата и социјалдемократите со ветување земјата повторно економски да ја крене на старите позиции. Но, во овој период таа повеќе беше на пат во странство, отколку што се занимаваше со домашните реформи. Оттука, во билансот на првите 100 денови има како пофалби, исто така и критики.

Водечките претставници на партиите од владината коалиција извлекуваат позитивен биланс за изминатиот период: „Ние сме многу задоволни со првите 100 денови и се гордееме со нашиот канцелар“ – изјави претпладнево на телевизија Фолкер Каудер, шеф на фракцијата на партиите на Унијата во Бундестагот.

Државниот секретар во министерството за внатрешни работи Петер Алтмаер, сопартиец на Меркел, за ББЦ рече: „Таа ја модернизира Германија. Тоа не беше типично германски стил на владеење. Понатаму, таа се обидува да премости многу јазови во Европа и на меѓународна сцена. Тоа докажува дека има капацитет за политичко лидерство“.

Од соработката со Меркел е задоволен и заменикот-шеф на фракцијата на СПД Лудвиг Штиглер: „Немам никакви лоши искуства со неа“ – вели тој.

Партискиот шеф на опозиционите либерали Гидо Вестервеле ја пофали Меркел за водењето на надворешната политика, но забележа: „Ангела Меркел има капацитет како канцелар да добие меѓународно признание, но решавачки се внатрешната политика, економската политика, пазарот на работна сила – а тука досега за жал нема ништо сторено“.

49 проценти, односно секој втор граѓанин на Германија и’ дава оценка добар - тројка, а 21 процент многу добра оценка на големата коалиција предводена од Меркел. Во анкетата на магазинот Штерн од Хамбург, со која беа опфатени 1003-ца репрезентативно избрани испитаници, само два насто и’ дадоа на владата одлична, а исто толку се определија за слаба оценка.