1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почесно Рациново признание за Петер Рау

13 јуни 2009

Високото Рациновото признание, на Рациновите средби, го доби писателот Трајче Кацаров за збирката раскази „Татко и отец“. Добитник, пак, на Почесното Рациново признание за 2009 е професор д-р Петер Рау од Германија.

https://p.dw.com/p/I8cE
Фотографија: Matthias Meyer

Почесното Рациново признание го добиваат светски познати професори и научници кои го популаризираат македонскиорт јазик и литература во светот. Тоа на Петер Рау му беше врачено синоќа (12.06.2009), на затворањето на 46-те Рацинови средби во Велес. На прашањето што му значи признанието, Рау на литературен македонски јазик, одговара:

„Многу голема чест ми е. Во овие 13 години што сум во Македонија, се трудев да не играм само агенција за тука за да се проширува германскиот јазик и култура, туку ми беше многу важно да има реципроцитет на нашите ангажмани, да помагам за тоа македонската култура, јазик, поезија, зашто јас сум од книжевноста, да се проширува и во Германија и во земјите каде се зборува германскиот јазик. “

Беседа за Рацин

Професор Петер Рау, во чест на Коста Солев Рацин и неговата стихозбирка „Бели Мугри“ одржа беседа за Рацин во неговата спомен куќа:

„Коста Рацин беше на првите места на таа лектира што ми беше обврска кога почнував да се занимавам со македонската култура, традиција, историја, литература, јазик. И морам да кажам дека сликата за Рацин од првата лектира не се менува многу, затоа што веќе тогаш ми беше јасно каков значаен автор е тој.“

Професор Рау веќе 14 години е во Македонија. Предава германистика на четири македонски факултети. Но, најважното е што го популаризира македонскиот јазик и литература во Германија и светот. Како го прави тоа?

Platz in Veles, Mazedonien
Во Велес се одржаа 46-тите Рацинови средбиФотографија: Petar Stojanovski

„Јас сум основачот и до денешен ден раководам со институциите за македонско-германски односи. Мене ми беше посебно важно да дејствувам и во другата насока, а тоа го направив во меѓувреме. Во 2006 година се издаде првиот голем научен германско –македонски и македонско - германски речник. Исто така, постои едно билатерално списание германо-македоника, каде може да се објавуваат и германистички и македонистички трудови, статии, рецензии и критики. Има и една програма за издавање на учебници, билингвални учебници, како, на пример, македонско - германска граматика и македонско - германска политика“, вели Рау.

Рау е голем пријател на Македонија

Раде Силјан, претседател на Друштвото на писателите на Македонија, за значењето на професор д-р Петер Рау за Македонија, вели:

„Во името на професорот д-р Петер Рау македонската литература и култура имаат голем пријател, човек кој со многу знаење и истрајност ја презентира македонската вистина во германскиот простор.“

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска