1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почетокот на преговорите со ЕУ- зрак надеж за стопанството

Ф.Хофман/ С.Недевски28 јануари 2014

Србија официјално ги почна преговорите со ЕУ за полноправно членство. Но, до фактичкиот прием на земјата во Унијата има уште долг пат како на политички така и на стопански план. Нужно се потребни нови странски инвестиции

https://p.dw.com/p/1Awob
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ернст Боде раководи со едно од првите странски претпријатија кои инвестираа во Србија; пред 16 години тоа беше ризичен потфат. Специјалните садови за гас од претпријатието „Месер-гас“ се користат во болници и во индустријата.

Неколку години бизнисот одеше добро. Падот дојде со европската криза во 2008 година. Боде не верува дека преговорите за пристап кон ЕУ ќе донесат брзи успеси.

„Главен проблем е дека Србија прво мора да ги изврши своите домашни задачи: административната парализа во која се наоѓа земјата, екстремните камати - повисоки од она што можат да заработат претпријатијата, и да функционираат судовите.“, вели Боде

До денес се во сила многу закони од времето кога Србија беше дел од социјалистичка Југославија. Посебно боде очи трудовото право.

„Отпремнините, на пример, се сметаат врз основа на севкупниот стаж - не само во конкретната фирма, туку и стажот во оние во кои вработениот порано работел.“, се жали Ернст Боде. Во такви услови тој двапати ќе размисли дали да вработува.

Проблемите на српското стопанство, и покрај неколку странски инвестиции, се должат и на вакви нешта. Празни продавници на најдобри позиции се среќаваат и во центарот на толку гордиот главен град Белград.

Додека најголемиот дел од луѓето одвај излегува на крај, оние малкумина, кои направија пари за време на војните од 90-те години и со сомнителни зделки во приватизацијата, живеат во луксуз.

Serbische Telekom
Фотографија: picture alliance / dpa

Заменик-премиерот, 43-годишниот Александар Вучиќ, сака да ја промени состојбата. Порано тој беше екстремен српски националист и пропагираше врзување на Србија за Русија.

Денес тој сака да ја води земјата во ЕУ.

„Луѓето и натаму мислат дека приватните инвеститори се некој вид ѓаволи, па е нужна борба против нив. Мораме да го промениме тој начин на размислување. Денес имаме работа со поинаков економски систем.“, истакнува Вучиќ

Пред Србија стојат големи задачи. Пристапните разговори со ЕУ се само почеток.