1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почеток на крајот на глобализацијата

Андреас Бекер / Елизабета М. Фиданоска4 октомври 2013

Финансиската политика на американската централна банка им создава проблеми на земјите во забрзан подем. Судирот околу американскиот буџет би можел да ги заостри проблемите. Се наѕира ли крај на глобализацијата?

https://p.dw.com/p/19tWy
Фотографија: Fotolia/KorayErsin

Од почетокот на финансиската криза, американската централна банка Federal Reserve (ФЕД) ги преплавува пазарите со пари, во надеж дека на тој начин ќе ја стимулира економијата. Кога шефот на ФЕД, Бен Бернанке, неодамна навести дека политиката на евтини пари би можела набрзо да заврши, финансиските пазари реагираа панично. На средината од септември Бернанке ја повлече најавата и го одложи најавеното менување на курсот.

„ФЕД е единствен возрасен во просторија полна со деца“, вели Бери Ајхенгрин, професор по економија на Калифорнискиот универзитет во Беркли. „Кога сите деца врескаат барајќи повеќе бонбони, затоа што тоа во моментот им е единствената храна, ФЕД тешко може да каже: Не деца, нема веќе бонбони.“

Нејасната политика на есконтни стапки за земјите во развој и земјите во забрзан подем има непријатни последици. „Пред неколку години мораше да правиме големи напори за да не бидеме преплавени од количествата на евтини пари кои ѝ се закануваат на Турција“, вели турскиот министер за финансии Мехмет Шимшек. „Денес, пак, ни се заканува опасност да не добиваме никаков капитал.“ Зашто, инвеститорите, од страв дека ќе дојде крајот на евтините пари, почнуваат да ги повлекуваат парите од Турција, Бразил и другите земји во забрзан подем.

Porträt Türkei Finanzminister Mehmet Simsek
Мехмет ШимшекФотографија: Ozan Kose/AFP/Getty Images

„Земјите во развој и земјите во забрзан подем сосема со право ѝ велат на ФЕД: „Вие не сте одговорни само за американската економија, мора да ги имате предвид и нашите интереси“, нагласува Ју Јонгдинг, економист на кинеската Академија за социјални науки и поранешен советник на централната банка во Пекинг.

Бунтот на инвеститорите

Ју и Шимшек нагласуваат дека поплаките наидуваат на „отворени уши“. Притоа, земјите во забрзан подем имаат големо средство за вршење притисок. „Ние сме тие кои денес им позајмуваат пари на индустриските земји“, оценува Ендру Шенг од економскиот институт Фунг Глобал во Хонгконг. „Ние мора сега да решиме што треба да се прави.“

Но што би можело да биде тоа? Помалку пари за западните државни долгови, или можеби контроли на протокот на капитал? „Тоа би бил почеток на крајот на глобализацијата“, оценува Шенг. „Зашто ако глобализацијата значи дека само малкумина профитираат од глобалните добивки, додека остатокот на локално ниво страда, тогаш таа ќе наиде на отфрлање.“

China Hongkong Wirtschaft Andrew Sheng
Ендру Шенг: Потребни се појасни насоки за политиката на ФЕДФотографија: picture-alliance/dpa

Наредниот меур

Според Шенг, она што недостига се појасни и подолгорочни насоки на политиката на ФЕД, на кои финансиските пазари и другите земји би можеле да се прилагодат. И Вилијам Роудс, вицепретседател на Ситигруп до 2010 година, а денес советник на банката, укажува на опасностите од нестабилниот курс на ФЕД. „Ако излегувањето од ера на политика на евтини пари не биде изведено како што треба, тогаш ни претстои нешто што е можеби полошо од кризата низ која тукушто минавме.“ Тој потсетува дека и крахот на вештачки надуениот интернет-пазар пред десетина години беше „лекуван“ со евтини пари, по што следуваше новиот меур во секторот со недвижности, чие пак пукање предизвика светска финансиска криза.

Играње карти на Титаник

Сепак, тешко дека за догледно време ќе има јасност околу политиката на ФЕД. Напротив, ако американскиот Конгрес не постигне набрзо согласност за буџетот, САД ќе бидат несолвентни на 17 октомври. „На 17 октомври светот би можел да потоне, а ние седиме и играме карти на Титаник“, предупредува Јакоб Френкел од ЏП Морган Европа, поранешен гувернер на централната банка на Израел. „Дали потоа мачо-суперменот Бернанке повторно ќе каже: ’Ова не го дозволувам’?“

Ако ФЕД потоа повторно почне да пумпа уште повеќе пари на пазарите за да ја спречи кризата, тоа ќе биде патент рецепт за наредниот голем меур, оценува Френкел. Зборот криза, според него, во таков случај воопшто нема да биде соодветен. „Ако нешто постојано се повторува, тогаш е тоа дефиниција за нормалност.“