1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина Марсел Рајх-Раницки, германскиот литературен „папа“

О. Зепелфрике/ К.Шлузен/ Е.М.Фиданоска18 септември 2013

Беше најпознатиот литературен критичар во Германија - Марсел Рајх-Раницки почина 93-годишна возраст. Човекот што го има преживеано холокаустот, беше познат по своето особено остро перо и јазик.

https://p.dw.com/p/19kEB
Фотографија: Reuters

Често беше нарекуван „литературен папа“. Марсел Рајх-Раницки не го сакаше тоа, зашто не сакаше да е безгрешен. Но сакаше да биде авторитет.

Рајх-Раницки, роден во еврејско семејство на 2 јуни 1920 година во Влоцлавек, во Полска, се преселил во Берлин откако фирмата во која работел татко му пропаднала. На училиште не му било лесно, затоа што на почетокот не знаел добро германски. „На училиште бев аутсајдер“, се сеќаваше Рајх-Раницки. „Никогаш немав татковина. Мојата татковина во 1930-тите беше Третиот рајх. До крајот на 1938 година бев во Берлин. Таму татковина ми стана литературата.“

Полски брачен пар го спасил од смртта

По матурата сакал да студира германска литература, но нацистите го протерале. Од 1940 година живеел во Варшавското гето. Родителите и брат му биле убиени од нацистите. Во гетото ја запознал сопругата Теофила. Склучиле брак, кој траеше цел живот, до смртта на Теофила во 2011 година. „Запознав луѓе кои се однесуваа прекрасно со мене. Еден полски брачен пар не‘ спаси мене и жена ми“, раскажуваше Рајх-Раницки.

Marcel Reich-Ranicki
Рајх-Раницски со сопругата Теофила во 2002 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

По војната тој станува полски конзул во Лондон. По враќањето бил исклучен од Комунистичката партија, кон која се приклучил повеќе од благодарност отколку од убедување. Тоа значи и целосно вртење кон литературата. Рајх-Раницки уште во Полска беше еден од најугледните литературни критичари. Негова специјалност беше германската литература. Кога во 1958 година престојува во Германија заради студиски цели, одлучува веќе да не си оди од земјата на неговите поети.

Омилени му беа германските класици

Негова страст беше германската литература, за која напиша голем број книги, текстови, коментари. Омилени му беа големите класици - Гете, Хајне, Клајст, Томас Ман.

Marcel Reich-Ranicki
Литературниот квартет - Зигрид Лефлер, Хелмут Каразек, Улрих Грајнер и Марсел Рајх-Раницки (од лево кон десно)Фотографија: picture-alliance/dpa

На Марсел Рајх-Раницки му се допаѓаше и современата литература, иако умерено. Како литературен критичар во неделникот „Цајт“, а потоа и во дневниот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, тој и‘ беше постојан буден придружник на современата литература. Беше некаков вид „татко“ на литературните текови и поради својот остар и директен јазик беше и сакан и омразен. Со својата рецензија на романот „Широко поле“ на Гинтер Грас во магазинот „Шпигел“, во 1995 година, предизвика литературен судир. Жестоки дебати се развија и околу романот на Мартин Валзер „Смртта на еден критичар“, кој беше сфатен како пресметка со Рајх-Раницки.

Голем успех на автобиографијата

Голем успех имаше неговото телевизиско шоу „Литературен квартет“, во кое секогаш се водеа живи дискусии за книги. Марсел Рајх-Раницки сакаше судир и дискусија. Неговите лични напади против колешката Зигрид Лефлер во 2000 година предизвикаа скандал и доведоа до заминување на критичарката од емисијата.

Во 2008 година Марсел Рајх-Раницки предизвика големо внимание со одбивањето да ја прими Германската телевизиска награда за животно дело. Тој тоа го образложи со лошиот квалитет на германската телевизија. Критичарите, во кои се вброи и Гинтер Грас, забележаа дека без телевизијата тој никогаш не би станал толку славен.

Marcel Reich-Ranicki in seinem "Wohnzimmer"
Фотографија: picture-alliance/dpa

Најголемиот успех, сепак, Рајх-Раницки не го доживеа како издавач или критичар. „Пишував нешто што има ехо“, велеше тој. Но неговиот мемоари „Мојот живот“, кои ги публикуваше во 1999 година, имаа уште поголем одек. „Напишав книга за својот живот. Сосема едноставно, она што го имам доживеано.“ Во 2009 година дури е снимен и филм според неговата автобиографија. Рајх-Раницки рече: „Ехото на оваа книга беше големо изненадување.“