1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина првиот македонски претседател, Глигоров

2 јануари 2012

Почина Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија. 95-годишниот Глигоров починал синоќа во својот дом, во сон.

https://p.dw.com/p/13co0
Киро ГлигоровФотографија: dpa

Информацијата утрово ја потврдија од Кабинетот на Глигоров.

Погребот ќе се изврши утре во 13 часот на гробиштата Бутел, во кругот на најтесното семејство, а телото ќе биде изложено во капела од 12 часот.

Киро Глигоров беше првиот претседател на Република Македонија, функција која ја извршуваше во два мандати од 1991-ва до 1999-та година. За претседател на РМ беше избран на 27 јануари 1991-ва година од страна на Собранието на Република Македонија, а по втор пат на 19 ноември 1994-та на претседателски избори. Функцијата претседател на Републиката ја вршеше до 19 ноември 1999-та година.

Во текот на своите два мандати ја промовираше политиката на „eквидистанца" кон сите соседи на земјата: Србија, Бугарија, Грција и Албанија. За време на неговиот мандат се случија некои од најважните настани од современата историја на Република Македонија: од референдумското прогласување на независноста на 8 септември 1991-ва година, преку донесувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991-ва, па се до приемот во Обединетите нации на 8 април 1993-та година.

Киро Глигоров е роден во Штип на 3 мај 1917-та. По Втората светска војна извршувал и голем број високи функции во Владата на СФР Југославија. Меѓудругите, бил и заменик претседател на Сојузната влада, како и секретар за финансии.

Автор: БГ/ЖА/инфо

Редактор: Александра Трајковска