1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина рускиот патријарх Алексеј Втори

Агенции (Г.Ч.)5 декември 2008

Замина реформаторот на Руската православна црква, кому му припадна тешката задача да ја обнови црквата по 70 години потчинување од страна на комунистичкиот режим. Ватикан жали за смртта на поглаварот РПЦ.

https://p.dw.com/p/G9u5
Рускиот патријарх Алексеј ВториФотографија: AP

Руската патријаршија претпладнево ја потврди веста за смртта на Поглаварот на Руската Православна Црква. Тој почина во неговата резиденција во близината на Москва на возраст од 79 години. За причините на смртта се’ уште нема никакви официјални информации, но се знае дека Партијархот со години имал проблеми со срцето. Во октомври 2002-та доживеа инфаркт, по што повеќепати беше задржуван во болница.

Алексеј Втори потекнува од благородничко семејство од Естонија. Toj е роден на 23. февруари 1929-та година во главниот град Талин. Световното име му беше Алексеј Ридигер, што доаѓа од неговиот татко чие семејство имало германски корени. По студиите како свештеник во Ленинград, тој служи во едно мало естонско гратче, но веќе со 32 години станува бискуп. Подоцна станува митрополит на Естонската епархија, а во 1986-та го презеде раководењето со Лениградската епархија. Во јуни 1990-та, со тесно мнозинство беше избран за 15-ти патријарх на Руската Православна Црква.

Поглавар во тешки времиња

Алексеј Втори се наоѓаше на чело на Руската Православна Црква во сложен период. Нему му припадна тешката задача да ја обнови црквата по 70-годишното потчинување од страна на комунистичкиот режим. При тоа Алексеј сето време држеше баланс меѓу реформските струи во црквата и многу конзервативните, кои делумно можат да се оценат и како националистички. Односите меѓу црквата и државата по распаѓањето на Советскиот сојуз забележаа најголемо подобрување во времето на владеењето на претходниот руски претседател Владимир Путин.

Putin bei Alexeij
Подобрување на односите меѓу црквата и државата се случи во времето кога претседател беше Владимир ПутинФотографија: AP

Алексеј Втори имаше тешка задача да се справи и со отцепувањето на националните православни цркви, како на пример украинската и естонската. Поради кавгата околу отцепувањето на Естонската Православна Црква, во еден период дојде до прекин во односите меѓу Алексеј и Вселенскиот Патријарх во Константинопол. Инаку односите со Вселенската патријаршија ги одликува борбата за надмоќ во светот на православието.

Застој во екуменските настојувања

Како напнати можат да се окарактеризираат и односите со Ватикан, кого Алексеј Втори го обвинуваше за мисионирање во Русија и за обид за преобратување руските православни христијани во католичка вера. Тој ја застапуваше тезата на руското православие за „традиционална канонска територија“, во која другите цркви не треба да се мешаат.

Vatikan: Petersdom und Petersplatz gefüllt mit Menschen zur Seligsprechung von Mutter Teresa
Ватикан жали за смртта на Алексеј ВториФотографија: AP

За голем успех на починатиот Партијарх на Руската Православна Црква се смета помирувањето со руската црква во дијаспората, што ја основаа бегалаците од Октомвриската револуција во 1917-та. Таа имено постојано и’ се спротиставуваше на советската власт и поради тоа со децении опстојуваше потполно одвоена од Патријаршијата во Москва. Дури во 2007-та двете црквени организации ги надминаа разликите и прогласија евхаристичко заедништво. Руската црква во странство меѓутоа и понатаму ја задржа сопствената структура и администрација.