1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнува ли големата офанзива на израелската армија во Појасот Газа?

6 јули 2006

Израелската армија ноќеска навлезе во северниот дел на Појасот Газа со поголеми единици.

https://p.dw.com/p/Ae0N
Израелски оклопни единици во Појасот Газа
Израелски оклопни единици во Појасот ГазаФотографија: AP

Изрелските медиуми јавуваат дека единиците навлегле се‘ до поранешните населби, што еврејските доселеници ги напуштија минатата година. За сега не е јасно дали станува збор за ограниечна воена операција, како во изминатите денови по грабнувањето на израелскиот подофицер, или пак за постепен почеток на најавуваната голема офанзива.

Во напад на военото воздухопловство животот го загубија двајца членови на военото крило на владеачкиот Хамас. Уште еден Палестинец им подлегна на повредите при нападот врз полициска станица во Појасот Газа, при што беа повредени уште 11 лица.

Од друга страна, вчера вечер во израелскиот пристанишен град Ашкелон паднаа неколку касам ракети, со кои палестинските радикали од време на време ги загрозуваат населените подрачја во близина на границата. Она што предизвика посебно голем револт кај граѓаните на Ашкелон, тоа е фактот што за прв пат една ракета падна во центарот на градот. Тоа значи дека палестинските милитанти успеале да го подобрат дострелот:

„Треба да ги удриме по глава, нема други решенија. Што може да се направи? Па може да ги истераме во Сирија или во Либан, можеби тогаш ќе разберат колку е саатот. Добија држава на подарок и сега уште не‘ загрозуваат!„ – вели огорчено еден граѓанин на Ашкалон. Тој и неговите сограѓани бараат израелската армија да преземе решителни чекори или тие самите ќе земат оружје в рака.

Палестинците во меѓувреме се подготвуваат за голема офанзива на израелската армија. Единствениот граничен премин за индивидуален сообраќај Ерец е потполно блокиран, така што не можат да минат ни странските дипломати и новинари. Гласините за почеток на голема копнена офанзива зачестија по вчерашната седница на кабинетот на национална безбедност. Имено сите министри ги одминаа молчешкум новинарите, што е нетипично за израелската влада. Во бројните неофицијални информации што почнаа да струјат потоа се најдоа и такви, според кои следниот чекор во ширењето на воената операција „летен дожд„ ќе биде артилериски оган и врз населените подрачја на северот од Појасот Газа. Освен тоа се спомнува и создавање безбедносна зона во северниот дел, од каде милитантите ги стрелаат касам ракетите врз израелска територија.

Владата на премиерот Еуход Олмерт се наоѓа под голем притисок во јавноста дека не презема доволно решителни чекори. Затоа министерот Јичак Херцог порача:

„Тоа не треба да ни се смета како слабост. Ние изведовме десетици акции во кои беше уништено многу од инфраструктурата на теророт. Тоа не е ласна задача, туку многу опсежна.„

На границите кон Појасот Газа стојат подготвени големи израелски единици со тенкови, воени булдожери и други оклопни возила. На југот од Појасот тие треба да го бараат киднапираниот војник, а на северот да ги откријат и уништат позициите од кои Палестинците стрелаат касам ракети.