1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнува најнеизвесниот самит на ЕУ

21 јуни 2007

Во Брисел започнува самитот на Европската унија за кој постои само една едногласност – ќе биде тежок.

https://p.dw.com/p/AzBn
Симболика што покажува се: европското меѓу германското и полското знамеФотографија: picture-alliance/ dpa

И информациите за климатските услови во Брисел како и разликите во ставовите на учесниците на самитот: едни агенции јавуваат дека е мешано облачно-сончево, други пријатно, трети есенско. Едно е јасно: во Брисел започнаа подготвителните разговори за главните спорни точки за самитот кому му се дава името – реформски, без да се препознае некакво придвижување. На германската канцеларка Ангела Меркел и актуелен претседавач на Европската унија, тврдат едногласно известувачите од Брисел, ќе и бидат потребни силни нерви, големо трпение и многу вештина. При пристигнувањето во Брисел Меркел уште еднаш апелираше до нејзините критичари да не ја спречуваат реформата на Унијата. Согласноста е итно потребна зашто Унијата мора да биде способна да дејствува во време кога во светот има многу проблеми што бараат решенија. Таа веќе се сретна со претседателот на Европската комисија Жозе Барозо. Беше присутен и првиот евро-дипломат Хавиер Солана кој изрази надеж во успех на самитот. Во германската делегација се предупредува дека спорот со Полска околу иднинот начин на гласање во унијата не е единствениот. Проблемот на тој начин се поедноставува, зашто има цела низа тврди ореви што ќе треба да се скршат: Полска се заканува со вето ако германското претседателство не им излезе во пресрет на нејзините барања. Британците и натаму имаат задршки околу обврзноста кон правните насоки во Повелбата за основите права. Британскиот премиер Тони Блер во интервју за весникот „Тајмс„ изјави дека нема ништо да потпише ако за неговата земја нема гаранции за таканаречената опт-аут опција, односно право на исклучок. Блер дури се заканува дека ако не излезе по негово, ќе го напупшти самитот. Непосредно пред почетокот, премиерот на Луксембург Жан Клод Јункер изјави дека реформата на Европската унија е услов за прием на нови земји. Без тоа нема простор за ново проширување на Унијата, изјави Јункер кој ја предупреди и Велика Британија:

„Во Европа имавме премногу поезија. Сега ни се потребни правно-обврзувачки текстови и затоа не можам да сфатам една демократска земја членка да сака да ги исклучи своите граѓани од уживањето на тие права„.

Освен тоа, во круговите на германската делегација се укажува и на барањата на Холандија: право на вето за националните парламенти и поостри критериуми за прием на нови членови. Канцеларката Ангела Меркел, инаку, веќе им го достави на делегациите нејзиниот предлог за мандат на владина конференција што до крајот на годинава би подготвила текст на договорот за реформите.

Агенциите јавуваат дека многу нешта потсетуваат на атмосферата на самитот од 2000-дитата година во Ница, досега најдолгиот во историјата на Унијата кој траеше од 7 до 11 декември. Тогаш на организаторот на исхраната, познатиот француски парти - сервис Ленотр, на крајот му недостигаа прибори и храна. Сеќавајќи се на таа атмосфера, дипломатите во Брисел допатуваа со резерви кошули и вратоврски со прогноза: преговорите ќе бидат жилави и ќе траат до сабота. „Во спорот околу новиот договор, веројатни се ноќни седници за кои се потребни и многу нерви„ велат искусните дипломати.