1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Појадок за подигање на нивото на политичката култура

Александар Чомовски6 март 2009

Западни демократски манири во македонската предизборна кампања. Во Скопје заеднички појадуваа сите кандидати за претседател на Македонија, освен Мируше Хоџа. Со тоа кандидатите испратија позитивна порака до граѓаните.

https://p.dw.com/p/H6yx
Заедничка фотографија на кандидатите во „Дал мет фу“Фотографија: DW / Petr Stojanowski

Без единствената дама Мируше Хоџа, шестмината кандидати за претседател на Македонија појадуваа заедно. Екс-амбасадорот Нано Ружин успеја во идејата лутите ривали да манифестираат лична и политичка толеранција. Познатата и култна градска кафеана „Дал мет фу“ беше преполна со посетители, новинари и луѓе од обезбедувањето. Најрелаксиран беше домаќинот на средбата, Нано Ружин.

Wahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

„Поминавме пријатни моменти, но тоа не значи дека нашите политички ставови не се разликуваат и дека нема да продолжиме со политичка реторика и отворено да ги гледаме проблемите“, изјави Ружин.

Тој беше задоволен од средбата, иако не беше потпишан никаков документ. Впрочем, немаше ниту предлог за такво нешто. Кандидатот на ЛДП, меѓутоа, имаше порака и за новинарите. Ружин апелираше до седмата сила да не го загрозуваат достоинството на претседателските кандидати при известувањето за изборите.

До Нано Ружин седеа Агрон Буџаку и Имер Селмани, кандидатите на партиите на Албанците - ДУИ и Нова демократија.

Наредната недела заедничка прошетка на пазарот во Тетово

Wahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Буџаку истакна дека тој лично и неговата партија секогаш се залагале за позитивни кампањи. „Ова е добар чекор, бидејќи испраќаме порака дека се подига нивото на политичка култура“, рече Бучаку.

Селмани, пак, истакна дека сите кандидати оцениле дека почетокот на кампањата во смисла на фер и демократски однос се одвива над очекувањата. „Правиме се’ што е во наша моќ и надлежност кампањата да продолжи во иста насока“, рече Селмани.

Еден наспроти друг седеа универзитетските професори и колеги, меѓутоа и се’ поостри политички противници, Љубомир Фрчковки и Ѓорге Иванов, кандидати на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

Wahlen in Mazedonien die drei Präsidentschaftskandidaten Ivanov, Boskovski und Frckoski
Фотографија: Petr Stojanovski

„Можеме како кандидати да им покажеме на сите луѓе во Македонија дека знаеме и да се дружиме и да покажеме идеја на заедништво. Тоа е позитивниот аспект на оваа средба“, рече Иванов.

Фрчковски, пак, оцени дека средбата била убава можност кандидатите заедно да испијат кафе и да разменат мислења.

Претседателските кандидати ќе се обидат повторно да се дружат наредната недела во Тетово, каде што по идеја на Ѓорге Иванов, треба да прошетаат на локалниот пазар.

Кандидатите изразија надеж дека на оваа средба ќе дојде и единствената дама-кандидат, Мируше Хоџа од ДПА.