1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По влезот во ЕУ, корупцијата во пораст

Марина Максимовиќ / Александар Методијев7 јуни 2012

По влезот во ЕУ во новите членки доаѓа до забавување на борбата против корупцијата, заклучува Транспаренси интернешнал. Постои ризик тоа да се случи и со земјите од Балканот, кои сега се на патот на евроинтеграциите.

https://p.dw.com/p/159vn
Фотографија: Fotolia/S-Christina

Во ЕУ не постои ниту една земја која е ослободена од корупција, покажува последниот извештај на Транспаренси интернешнал. Иако во 25-те земји од ЕУ, кои се опфатени со овој извештај, постојат значителни разлики кога е во прашање степенот на корупција и антикорупциските механизми, најголеми проблеми со корупцијата имаат токму оние земји кои имаат и најголеми проблеми со своите јавни финансии, како што се Грција, Италија, Шпанија и Португалија.

Траспаренси предупредува на фактот дека блиската врска на бизнисот и политиката создава услови за корупција и злоупотреби, нарушувајќи ја притоа економската стабилност на земјата. Друг факт на кој се предупредува е дека во новите членки на ЕУ, непосредно по нивниот влез во Унијата, доаѓа до повторно јакнење на корупцијата.

„Постои ризик тоа да се случи и со земјите кои сега се на евроинтегративниот пат. Пред земјата да влезе во ЕУ навистина се обрнува внимание на усвојувањето антикорупциски закони и на нивна примена. По влезот во Унијата надзорот на ЕУ слабее и недостасува поттик за примена на овие мерки“, забележува за Дојче веле Јана Митермајер, директор на канцеларијата на Транспаренси интернешнал за ЕУ.

Fokus Südosteuropa
Постои ризик искуството со последнопримените земји членки да се повтори со приемот на балканските земји во ЕУ

ЕУ поостра во надгледувањето на владеењето на правото

Евроинтегративните процеси во балканските земји помагаат за развој на механизми, воспоставување институции и носење закони во борба против корупцијата. Брисел, кој веќе се изгоре со некои искуства во текот на претходните проширувања, веќе применува постпристапен надзор во областа на корупцијата во Бугарија и Романија. Таквиот фокус и засилениот мониторинг им даваат шанса и на останатите балкански земји да изградат механизми кои ќе функционираат во пракса, смета за Дојче веле Немања Ненадиќ, програмски директор во Транспарентност Србија.

„На нашиот пример, и Србија и БиХ и Црна Гора, ќе биде надгледувано не само што е усвоено од законите, туку и колку тие ефикасно се применуваат во пракса и дали носат резултати. Тоа ќе биде последица на долгиот временски период до нашиот влез во ЕУ, но и последица на одлуката прашањата од поглавјата за правосудство и владеење на правото да бидат разгледувани на самиот почеток од пристапните преговори“, изјави Ненадиќ.

Symbolbild Bestechung
Блиската врска на бизнисот и политиката создава услови за корупција и злоупотребиФотографија: fovito/Fotolia

Лидерите од ЕУ „да се разбудат“

Забележителен е фактот дека нивото на корупција во некои од западните европски земји или т.н. „стари демократии“ е помало отколку во новите членки, кои во процесот на пристапување кон Унијата изградија антикорупциски механизми и законски регулативи. Во Транспаренси објаснуваат дека во западните демократии, и покрај можното непостоење на законски и институционални решенија, работите функционираат врз основа на поделеноста на власта, односно со меѓусебна контрола на законодавната и извршната власт. Исто така, клучниот фактор се однесува на довербата во носителите на власта, која е на значително повисоко ниво во западните земји.

Затоа од Транспаренси интернешнал ги повикуваат сите лидери од ЕУ „да се разбудат“, да работат повеќе од порано на борбата против корупцијата во своите земји, но и да ја продолжат контролата врз новите членки.

„Ако не дојде до таква промена, единствената шанса реформите да останат трајни и да не бидат прекинати по влезот во ЕУ е граѓаните сами да го сфатат значењето на борбата против корупцијата и на механизмите изградени за таа цел, како и да ги одбранат“, заклучува Ненадиќ, наведувајќи дека создавањето на независни државни органи е една од светлите точки чие значење може да го надмине и самото членство во ЕУ.