1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По еуфоријата - трезвеност

15 октомври 2009

Експертите во Македонија аналитички му приоѓаат на Извештајот на Европската комисија. Тие предупредуваат дека реформите мора да продолжат и да биде најдено решение за приоритетите.

https://p.dw.com/p/K6jL

Од исходот на разговорите за името ќе зависи и датумот за преговори, вели универзитетскиот професор Јетон Шасивари. Преостанува да се види по два месеца конечната одлука на Советот на министри околу одредувањето на датумот. Имено, ова сепак е препорака за отворање на преговорите, но без датум, подвлекува Шасивари.

Упатувањето на регионална и добрососедска политика е нов политички критиериум за апликација за членство во Унијата. Професор Тања Каракамишева од скопскиот правен факултет смета дека во пораките од Брисел постои контроверзност. Од една страна тие сугерираат, билатералните спорови да не бидат пречка за влез во Унијата и да се решаваат пред Меѓународниот суд за правда. Од друга страна, во извештајот за Македонија, укажува Каракамишева, за првпат меѓународните обврски се поставуваат како нешто што е дел од политичките критериуми. Решавањето на спорот за името со Грција се внесува во категоријата политички критериум, што е новина, подвлекува професорката од Правниот факултет во Скопје и ко-автор на Лексиконот за правила од ЕУ.

Со извештајот од Брисел стигна и информацијата дека Македонија во наредните пет години од претпристапните фондови ќе добие помош од 500 милиони евра. Андреја Стојковски од Европскиот центар за образование смета дека почетокот на преговорите за Македонија би донело многу големо подобрување од аспект на бизнис - климата, додека завршувањето и членството во Унијата би донеле економски бум.

Експертите оценуваат дека препораката за почнување преговори со Унијата ќе внесе нови стандарди во политичкото владеење и однесување и перспективи за граѓаните.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска