1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По Косово, денеска Авганистан е на дневен ред на НАТО

15 јуни 2007

НАТО министрите за одбрана во Брисел ги усогласуваа ставовите околу Косово и американскиот анитракетен штит. Македонскиот министер за одбрана Лазар Еленовски во Брисел ветил дека Македонија ќе ги исполни обврските.

https://p.dw.com/p/Awvh
Министрите за одбрана на НАТО дебатираат за проблематичните темиФотографија: AP

Нема закана од грчко вето за членство на Македонија во НАТО, изјави македонскиот министер за одбрана Лазар Еленовски по средбите во Брисел.

“Досега грчката официјална политика не искажала таков став и сметам дека тие ќе се водат по принципот на партнерство и принципот на секоја демократска држава и ќе дадат придонес за натамошната стабилизација на регионот”, рече Еленовски.

Македонија планира успешно да ја заврши последната фаза од акцискиот план за членство, им ветил Еленовски на колегите од Алијансата. Очекува дека добро завршената работа веќе на самитот во април следната година во Букурешт ќе и донесе на земјата покана за членство во НАТО. Најтранспарентна поддршка за тоа, македонскиот министер добил од првиот човек на германската одбрана, Франц Јозеф Јунг. На билатералната средба Јунг се заложил за членство во НАТО на Јадранската тројка.

Една од главните теми на првиот ден од средбата беше Косово. Генералниот секретар Јаап Де Хоп Шефер беше категоричен:

“НАТО е подготвен да ги исполни сите обврски во соработка со ЕУ и ОН. Силите на КФОР се подготвени на секакви сценарија и ќе се грижат да не избувнат евентуални насилства во покраината.”

Гостин на министерската средба беше и новиот руски министер за одбрана Анатолиј Сердјуков. Со него не разговарале за спорната тема Косово, туку само за американскиот антиракетен штит. Но, не е постигната согласност ниту по ова прашање, потврди Шефер.

Всушност вчера најмногу се разговарало за американскиот антиракетен штит. Во НАТО не гледаат причина зошто САД би ги промениле своите планови. И по рускиот предлог заеднички да се користи нивната база во Азербејџан, американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс изјави дека тие ќе продолжат со преговорите со Полска и Чешка за инсталирање на системот во овие земји. НАТО министрите, пак се согласија да се испита можноста и за поставување на систем кој би бил дополнување на американскиот. Германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг:

“Не би требало да има поделба во Европа по ова прашање. Сигурно и нам ни е во интерес, да имаме заштитен систем за сите Европејци."

На денешниот последен, ден од дводневниот состанок главна тема е Авганистан и НАТО мисијата во таа земја.