По масакрот од Хула веќе ништо не е исто?
29 мај 2012Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле денеска соопшти дека го повикал сирискиот амбасадор во Берлин, Радван Лутфи, и од него побарал да ја напушти земјата. Амбасадорот е прогласен за „персона нон грата“ и мора во рок од 72 часа да ја напушти Германија, изјави Вестервеле. Уште во февруари протерани беа четворица други соработници во сириската амбасада во Германија, поради постапките на режимот во Дамаск против опозиционерите.
„Германија дејствува заедно со своите партнери. Сметаме дека нашата недвосмислена порака нема да наиде на затворени уши од страна на Дамаск“, изјави Вестервеле.
Најава за протерување на амбасадори и други сириски дипломати денеска дојде и од Франција, Велика Британија, Италија, Шпанија и Австралија.
Во Хула, во петокот (25.05) беа убиени повеќе од 110 цивили, меѓу кои и голем број деца. Сириската опозиција денеска јавува за нови крвопролевања. Сириските владини сили, според опозиционерите, убиле 18 цивили и двајца дезертери. Најголемиот дел од жртвите загинале при артилериски напади во провинциите Хомс и Алепо, како и од снајперисти.
Анан од Асад бара спроведување на мировниот план
Специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига за Сирија Кофи Анан денеска во Дамаск од сирискиот претседател Башар ал-Асад побарал спроведување на мировниот план. Во личен разговор со Асад, Анан ја изразил длабоката загриженост на меѓународната заедница поради насилството во Сирија, особено во малиот град Хула, соопшти портпарол на Анан.