1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правната одлука од Хаг-без политички профит во Чикаго

Силвера Падори-Кленке23 мај 2012

Чикаго не и‘ донесе радост на Македонија. И со правната одлука од Хаг, изостана политичкиот профит и посакуваното НАТО членство. „И покрај пресудата од Хаг да нема реакции - не е в ред“ - за ДВ вели Валтер Колбо.

https://p.dw.com/p/150H7
Фотографија: picture-alliance/dpa

Политички Берлин не се возбуди од самитот на НАТО во Чикаго. По однос на Македонија, има мали реакции чиј тон е во распонот од оптимистички, преку реалистичко-песимистички до - демагошки.

„НАТО самитот не беше самит за проширувањето. Но, и покрај тоа се занимаваше со перспективите на земјите кои се пред отворената врата. Во завршната декларација јасно е кажано дека Алијансата има голем интерес за прием на Поранешната Југословенска Република Македонија, штом проблемот со името се реши! Мислам дека е позитивно што Алијансата се занимаваше со ова, иако не беше предвидено да се дискутира за проширувањето. А, посочено е и тоа дека во Македонија се гледа како на фактор на стабилност во регионот”, оптимистички за ДВ изјави д-р Карл Ламерс кој штотуку се врати од Чикаго каде имаше обраќање до учесниците.
Одбрани теми за хармонија
„Јасно се покажа дека со минатогодишната одлука од Хаг која имаше правна природа, Македонија не успеа политички да профитира. Ова е резултат на важноста на годинашниот самит за НАТО, каде темите како ракетен штит, мудра одбрана, Авганистан, беа дефинирани така со што го истакнаа значењето на единственоста и хармонијата врз кои Алијансата почива. Затоа проширување, кое можеше да донесе конфликтен потенцијал, беше исклучено”, е реалистичкиот коментар на д-р Оливер Шварц, политиколог од катедрата Жан Моне на Универзитетот Дуизбург. Исходот од Чикаго според Шварц не смее да ја обесхрабри Македонија, зашто таа ги има сигналите на поддршка од Турција, Словенија, Хрватска, Норвешка и Велика Британија. А, и од госпоѓа Клинтон, која експлицитно кажала дека Чикаго е последен самит на кој НАТО не се занимава со проширувањето. Но, до наредниот - по две години, Македонија не смее да се изолира!
Го прашуваме Шварц: каде е принципиелноста на НАТО и ЕУ? Сите повикуваат на владеење на правото во Македонија, а токму тие не ја почитуваат пресудата од Хаг според која Грција незаконски, по втор пат, го спречи членството на земјата во НАТО ?
Ќе се чека ли грчкото претседателство со ЕУ?
„Во тоа е и работата. Моментно во рамките на ЕУ и во НАТО не се сака оваа тема да се повлече на друго европско или трансатлантско ниво. Но, кога Грција ќе го преземе претседателството со ЕУ во 2014-та, тогаш и грчката надворешна политика ќе мора да се огледа експлицитно во европски контекст”, е категоричен Шварц кој дополнува дека во тој случај и ЕУ ќе мора да делува, зашто на медијаторот Метју Нимиц му е потребна поддршката од Унијата.
Познавачот на Македонија и прв човек на Германско-македонското друштво Валтер Колбо за нетретирањето на пресудата од Хаг во Чикаго вели:
„Не, ова во никој случај не е во согласност со судската пракса на Меѓународниот суд за правдата. Јас уште еднаш ќе кажам: да нема никакви реакции и покрај ваквата пресуда - што не е во ред! Тоа говори и за личностите на политичари од НАТО-земјите, односно за шефовите на влади или на држави. Меѓународниот суд на правдата јасно кажа дека според сфаќањето на правдата, Македонија има право на позитивна одлука за членството во НАТО”, смета Колбо кој вели дека е на страната на Македонија и сосема ја разбира критиката која премиерот Груевски ја упатил до Германија, Франција и САД.
Германското МНР, пак, не сакаше воопшто да ги коментира Македонија, Хашката пресуда и Чикаго. До Дојче веле стаса само информација: „Пред поканата во НАТО Македонија мора да го реши спорот околу името со Грција. Тој се смета за билатерално прашање. Се повикуваат двете страни, да бидат конструктивни и флексибилни и што поскоро да дојдат до решение”.

Mazedonien Walter Kolbow
Валтер Колбо е на страната на МакедонијаФотографија: DW
Dr. Oliver Schwarz
Д-р Оливер Шварц од Универзитетот ДуизбургФотографија: privat
Dr. Karl A. Lamers
Д-р Карл Ламерс, претседател на парламентарното собрание на НАТОФотографија: DW/Arben Muka