1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Православните христијани го слават Велигден

АМ/миа5 мај 2013

Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден - Христовото Воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.

https://p.dw.com/p/18SRu
Фотографија: Reuters/Yannis Behrakis

Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургиии. Овој празник е спој на верата и традицијата, а почнува на Велики четврток уште пред изгрејсонце кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца.

Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли - христови ученици и нивните наследници. Велигденското јајце е старо колку и христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото Воскресение. Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со: „Христос Воскресе!“ На тоа отпоздравувале: „Вистина Воскресе!“ Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото Воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во Воскресението. Денес верниците со овој поздрав се поздравуваат се до Вознесението Христово, Спасовден.

Црвената боја – симбол на исусовата крв

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а водено ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјата. Според хронологијата на христовите настани забележани во Евангелието, на Велики Четврток, Господ Исус Христос на Тајната вечера ја востановил Светата тајна причест (Евхаристија), земајќи ги за основа лебот и црвеното вино, кои се претвораат во христовото тело и крв. Оваа света тајна - Евхаристија е дадена за спасение на луѓето, а за основа ја има христовата крв.

Mazedonien Osterfest 2012 Berlin
Се смета дека Марија Магдалена прва го започнала обичајот со велигденските црвени јајцаФотографија: Silvera Padori-Klenke

Според Светото предание се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносци, прва го започнала овој обичај за велигденските црвени јајца. Се вели дека Марија Магдалена наскоро по Христовото вознесение (Спасовден) го напуштила Ерусалим и тргнала по светот да го проповеда Евангелието. Во Рим таа побарала да појде и кај римскиот император Тивериј, со цел да му раскаже за Господ Исус Христос. На средбата, таа на царот му подарила црвено јајце и го поздравила со зборовите: „Христос Воскресе“. Следејќи го нејзиниот пример, првите христијани започнале да си подаруваат црвени јајца на празникот Велигден и притоа да се поздравуваат со „Христос Воскресе – Вистина Воскресе!“

Велигден во светот

Jerusalem - Tausende orthodoxe Pilger ziehen über die Via Dolorosa
Велигден се одбележува во неделата на првата полна месечина по пролетната рамнодневница, но задолжително по еврејската ПасхаФотографија: Reuters/Baz Ratner

Со биење на камбаните, литургија и прва молитва пред затворените порти на храмовите, православните и дел од источните христијани синоќа на полноќ го започнаа одбележувањето на Велигден. Низ сите православни храмови во светот во присуство на голем број верници беа одржани велигденски полноќни литургии. Главните литургии се одржуваа во соборните храмови и со нив чиноначалствуваа поглаварите на православните црлви. Во доминатно православните земји на главните литургии присуствуваа и највискоите претставници на државните власти, но и делегации на други верски заедници.

Велигден го прославија и коптските христијани ширум светот, а на литургијата во катедралната црква Свети Марко во Каиро, присуствуваше и египетскиот претседател Мохамед Мурси.

Со велигденска литургија Воскресението Христово беше прославено и во православната црква Успение Богородично во Пекинг, на која присуствуваа околу 400 верници од повеќе источноевропски земји, меѓу кои и од Македонија.

Согласно одлуките на Никејскиот собор, кон кои се придржуваат сите православни и дел од источните христијански цркви, Велигден се одбележува во неделата на првата полна месечина по пролетната рамнодневница, но задолжително по еврејската Пасха. Поради ова Велигден секоја година се прославува на различен датум со отстапување од 35 дена и тоа во периодот меѓу 4 април и 8 мај.