1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Право или политика во случајот Караџиќ?

Самир Хусеиновиќ / Елизабета М. Фиданоска12 јули 2013

По одлуката на Апелациониот совет на Хашкиот трибунал на Радован Караџиќ да му се суди за геноцид во 7 општини на БиХ, аналитичарите оценуваат дека позицијата на поранешниот претседател на РС сега е значително потешка.

https://p.dw.com/p/196dq
Фотографија: AP

Со одлуката на Апелациониот совет на Хашкиот трибунал, покрај Братунац, Фоча, Кључ, Сански мост, Власеница и Зворник, во делот на обвинението против Радован Караџиќ за геноцид сторен во седум општини во Босна и Херцеговина, повторно е ставен и Приједор.

Во здружението на преживеаните жртви од војната „Извор“ од Приједор, оваа пресуда е дочекана со олеснување. „Значењето на оваа одлука е во тоа што со нејзе се потврдува дека генцоид е извршен во 1992 година во неколку општини кои биле под контрола на Србите од Босна и Херцеговина. Сега се‘ зависи од тоа дали тоа ќе биде докажано во постапките против Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, односно дали ќе биде докажана нивната директна одговорност“, вели претседателот на здружението „Извор“, Един Рамулиќ.

Токача: Геноцидот во Сребреница - само завршна фаза на злосторството

Директорот на Истраживачко-документациониот центар во Сараево Мирсад Токача оценува дека одлуката на Апелациониот совет не е неочекувана, со оглед на обемот на злосторствата сторени во тие општини. „Геноцидот во Сребреница е само завршна фаза на злосторствата сторени на почетокот на војната во БиХ“, смета Токача. „Нагласувам дека најголем број луѓе во текот на минатата војна во БиХ се убиени во периодот април-септември 1992 година. Најголем број силувања се извршени токму во тој период. Во тој период се извршени и најголемите прогони на несрпското население од подрачјето на споменатите општини, така што сето тоа морало да влијае на ваквата одлука на Апелациониот совет“, зијави Токача за БХ радио 1.

Serben Kriegsgefangene Lager Prijedor Bosnien
Затвореници во логор во Приједор, 1992 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Вукадиновиќ: Политички мотивирана одлука

Шефот на правниот тим на Радован Караџиќ, Горан Петронијевиќ, смета дека пресудата не случајно е објавена вчера (11.07), на денот на одбележувањето на 18-годишнината од геноцидот врз Бошњаците во Сребреница и тврди дека таа има „политичка заднина“. Слична е оценката и на претседателот на Република Српска Милорад Додик, кој потенцираше дека Хашкиот трибунал е „политички суд“.

И политичкиот аналитичар и уредник на интернет порталот „Нови српски политички мисли“ Ѓорѓе Вукадиновиќ смета дека одлуката на Апелациониот совет на Радован Караџиќ да му се суди за геноцид во седум општини во БиХ е „политички мотивирана и многу добро се вклопува во сценариото на напад врз Република Српска и нејзините институции“.

Отежната позиција на Радован Караџиќ

Професорот на Факултетот за политички науки во Сараево Зарије Сеизовиќ тврди дека враќањето на постапката на почеток би можело да влијае врз продолжување на процесот против Радован Караџиќ. „Тоа едноставно ја отежнува неговата положба во процесот. Вината за геноцид ќе се докажува и за оние општини за кои беше ослободен со првостепената пресуда“, вели Сеизовиќ.

Бошњачкиот офицер за врски со Хашкиот трибунал Амир Ахмиќ е задоволен со пресудата. Тој вели дека таа е очекувана и дека сега претстои „тешка правна борба“ за да се докажат наводите од обвинението. За претседателката на Хелсиншкиот одбор за човекови права во Србија Соња Бисерко пресудата е охрабрувачка „со оглед на сите разочарувања во последните два месеца кои беа резултат на ослободителните пресуди за воениот и политичкиот врв во Србија“.