1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Празниот стомак не прашува

27 октомври 2010

Неделата на борба против гладта, во Македонија годинава се одбележа под мотото „Помислете на нас “. Од пред три години државата отвори синџир народни кујни, а против гладта се бори и црквата. Има ли леб за сите гладни?

https://p.dw.com/p/Pojw
За три години се отворени 36 народни кујни во МакедонијаФотографија: DW

Предолгата транзиција низ која минува Македонија и економската криза која го стресе светот го земаат својот данок. Се‘ повеќе семејства се на работ на егзистенцијата, а честа слика се и луѓето кои претураат по контејнерите. Државата се обидува да го сочува социјалниот мир со неколку мерки, меѓу кои и проектот: „Народни кујни“.

Се живее ли со 1000 денари месечно?!

„Немам дома и доаѓам овде за една чинија манџа, за лепче. Болна сум и со шеќер и со нога . На работа не можам да одам. Ќе ви ја кажам вистината - се живее ли со 1000 денари? Толку добивам социјална помош месечно. Дали се живее со толку?“

Цвета е една од осумдесетте социјални случаи од Охрид кои еднаш дневно добиваат топол оброк од кујната во Студентскиот дом. Има близу 60 години преживеала тешка болест, живее сама и е пример како опстојуваат социјалците денес во Македонија. Државата за три години отвори 36 народни кујни низ цела Македонија. Во нив дневно се хранат 3514 лица. Ерзана Јакупи , портпарол во Министерството за труд и социјална политика објаснува кој може да се храни во кујните:

Hunger in Mazedonien
Цвета: Доаѓам за една чинија манџа, за лепче...Фотографија: DW

„Тоа се корисници на социјална парична помош, на постојана парична помош, како и стари и други лица коишто се изложени на социјален ризик и не се материјално обезбедени. Министерството за труд и социјална политика размислува, во рамките на своите можности, наскоро да отвори народни кујни и во повеќе селски средини. Годишно, државата за овој проект издвојува по 91 милион денари.“

Беспомошните се задоволни и со единстевниот оброк во денот, но што е со појадокот и вечерата? Иако ретко, меѓу социјалците кои чекаат ред за парче леб има и такви кои можат да работат, а тешко доаѓаат до неа. Никола е младо момче кое бара некој само да му подаде рака: „Работам по три-четири месеци преку лето. Апсолутно би прифатил работа. Се разбира.“

Парче леб за секого, без разлика на верата

Македонската православна црква - Охридска Архиепископија немоќта на одредена категорија граѓани ја препозна многу порано од државата, изјави за Дојче веле митрополитот на Повардарската епархија, господин Агатангел: „Во 1998 година ја отворивме првата кујна во црквата „Света Петка“ во Скопје, а по две години и втората во црквата „Свети Петар и Павле“, исто во Скопје. Отворивме кујна и во Велес, а исто така и во Преспанско-пелагониската епархија во црквата „Свети Великомаченик Димитрија“ во Битола. Во сите нив топол оброк секојдневно добиваат 400 до 500 граѓани.“

Symbolbild Alter
На гладните им помагаат и црквата и Црвениот крстФотографија: picture-alliance/dpa

Црковните кујни егзистираат со помош на верниците, а во нив се хранат и лица од друга вероисповед.

„ Луѓето не ги делиме на верска основа.Сите кои имаат потреба да дојдат, да го закрепнат своето тело, вратите им се отворени. Покрај делењето храна, црквата собира и облека и ја делиме на овој луѓето“, додава господин Агатангел кој раководи со мисионерската организација „Ѓаконија“ во рамките на МПЦ ОА.

Во ублажувањето на суровоста на животот и потрагата по трошка среќа, постојано, но и кампањски, на ранливите категории во Македонија се обидува да им помогне Црвениот крст. Се собираат донации, се прават пакети со храна и им се делат на оние на кои им се најнеопходни.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска