1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Празните гнезда“- иднина на Македонија?

Свето Тоевски19 мај 2013

Во Македонија многу семејства не можат да ја издржат битката за преживување во сиромаштија. Како последица на тоа во иднина во земјата ќе расте бројот на „празни гнезда“ – семејства без деца, велат експертите.

https://p.dw.com/p/18aas
Фотографија: Petr Stojanovski

Студијата за сиромаштијата и социјалната исклученост на Министерството за труд и социјална политика од март 2011 година констатираше дека во Македонија во декември 2009 година имало вкупно 564 илјади и 269 домаќинства, како видови семејна заедница. Статистичкиот годишник за 2012 година на државниот Завод за статистика оцени дека во оваа држава во 2011 година имало 547 илјади и 650 домаќинства. Какви социоекономски и демографски промени се случиле во последниве две години, зошто во овој период бројот на домаќинства во земјата опаднал за 16 илјади и 617?

За секој од шесте членови на семејството – по 22 евра месечно

Дојче веле го побара одговорот на ова прашање во шестчленото семејство Стевчевски во Тетово, во кое ќе стаса за неколку месеци и седмиот член – новороденче. Највозрасниот, 56-годишниот Илчо Стевчевски, по 30 години работа во една локална текстилна компанија, го загубил работното место како „технолошки вишок“. Невработени се и неговиот син и неговата снаа. Целото семејство опстанува, главно, само од 130-те евра, колку што изнесува месечната плата на сопругата на Илчо, која работи во едно приватно конфекциско претпријатие. Илчо секодневно е во потрага по каква било работа, ако успее да ја најде.

Familien und Armut in Mazedonien
Илчо Стевчевски со снаата и внукотФотографија: DW/S.Toevski

Тој вели: „Од платата на мојата сопруга секој месец просечно имаме по 22 евра на секој член на нашето семејство. За струја, вода и телевизија плаќаме вкупно околу 50 евра и што останува потоа за храна за сите нас? Ситуацијата е тешка. Примав социјална помош од околу 20 евра, но по половина година и неа ми ја укинаа. Во Тетово има луѓе, кои се со подобар стандард од нашиот, има такви што се и посиромашни од нас, но поголемиот дел од моите соседи живеат како и ние, со слични приходи. Ние и таквите како нас се бориме за живот: денес – за денес, утре – за утре.“

Бранкица Стевчевска, 27-годишната снаа на Илчо, се надоврзува: „Доволно е ако има пари леб да се купи во текот на денот и детето да се снабди со храна – другото ќе достаса некако за нас. Со оглед на условите за живот, вакви какви што се, младиот човек и малку потешко и малку подоцна ќе се реши да оформи семејство. Бидејќи нема никакви услови. Работа нема никаде и младите настојуваат да ја напуштат Македонија, барајќи подобри услови за живот. Многу млади брачни двојки се решаваат на помал број деца поради тие причини. Мои пријателки велат: ’Нема услови за живот, засега ќе биде доволно само едно дете, да го обезбедам со она што ќе му треба'. За мојов петгодишен син трошиме и до 40-тина проценти од севкупниот приход во семејството.“

Се „ситнат“ семејствата во земјата

Аница Драговиќ, професорка по социологија на семејствата во Институтот за социологија на државниот универзитет во Скопје, коментира: „Податоците од пописите во 1994 и 2002 година покажуваат зголемување на бројот на семејствата и намалување на нивната големина. Бројот на семејства во 2002 година, во однос на 1994 година се зголемил за 6,4 проценти: во 1994 година имало 539 илјади и 555 семејства, а во 2002 година 574 илјади и 159 семејства. Во 1994 година во едно семејство имало 3,37 членови, а во 2002 година 3,29 членови. Се поретко се среќаваат проширени семејства. Трошоците за грижа и растење на децата се се поголеми. Во услови на финансиска и социјална несигурност, младите се помалку го чувствуваат општествениот притисок да формираат семејна заедница и да имаат деца, како што тоа било случај со генерациите на нивните родители, или баби и дедовци. Високата стапка на невработеност и големата неизвесност во решавањето на многуте егзистенцијални проблеми, меѓу кои е и домувањето, ја отежнуваат одлуката на младите лица да го напуштат домот на своите родители и да формираат свое семејство. Ако продолжи да се намалува бројот на раѓања на деца, сигурно е дека се повеќе ќе има ’празни гнезда’ - семејства без деца “

Маја Геровска – Митев од Институтот за социјална политика на државниот универзитет во Скопје минатата година ја изготви научната студија „Материјална депривација, сиромаштија и социјална исклученост кај домаќинствата во РМ“, во која се констатира: „Мерењето на сиромаштијата и социјалната исклученост според индикаторите 'Европа 2020' покажува дека во Македонија речиси половина од населението е погодено од ризик од сиромаштија и социјална исклученост, немање материјални средства за живот и невработеност. Во 54 отсто од домаќинствата невработените членови не примаат социјални надоместоци (ниту надоместок за невработеност, ниту социјална помош), додека кај 9 отсто од домаќинствата ниту еден од старите лица над 65 година не прима пензија. Истражувањето укажа на загрижувачко ниво на културна сиромаштија и исклученост: 70 проценти од населението не учествува во културниот живот во годината.“

Авторката на таа студија дополнува за ДВ: „Долгорочното опстојување на невработеноста, сиромаштијата и социјалната несигурност, кои колективно ги погодуваат семејствата во РМ, придонесуваат за нивна зголемена ранливост. Просечното семејство живее и опстанува скромно. Просечната месечна нето плата во РМ во февруари 2013 година изнесувала 20.910 денари, но, анализата покажува дека 72 отсто од вработените имаат пониска плата од таа сума. Прилично скромно е она што го овозможуваат приходите. Анализата на податоците од 'Анкетата за приходи и услови на живеење' покажува ниско ниво на животен стандард.“

Familien und Armut in Mazedonien
Бранкица Стевчевска и нејзиниот 5-годишен синФотографија: DW/S.Toevski

Сепак, Владата вложува напори за ублажување на ситуацијата на семејствата, како што е сега и со вработувањето 1800 лица од социјално загрозени семејства. Министерството за труд и социјална политика во март годинава ја објави ревидираната верзија на „Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во РМ до 2020 година“. Со овој документ се обрнува „посебно внимание на мерките за социјална вклученост кон повеќечлените домаќинства, домаќинствата без ниту еден вработен, домаќинствата со деца, како и домаќинствата кои живеат во селските и помалите градски средини, без Скопје“. Меѓутоа, колкав може да биде ефектот од овие мерки?

Професорката Геровска - Митев одговара: „За ефективност на социјалните мерки потребно е нивно добро насочување кон потребите и потенцијалите на корисниците. Генерализираната понуда на социјални програми, која не соодветствува на спецификите на можните корисници, претставува само губење на вложените средства. Социјалните мерки мора да биде засновани врз претходно спроведени анализи на состојбите со семејствата. Владините активности примарно треба да се сведат на обезбедување универзален бесплатен пристап до основните јавни услуги како што се задолжителното образование, јавното здравство, како и низа други подршки на семејствата, особено на оние со пониски примања, со цел да се олесни буџетот на семејствата за некои од основните потреби на нивните членови.“

Во речиси сите земји на ЕУ постои „минималниот достоинствен приход“, воведен од социјалните системи на тие држави. Таквиот приход варира од 725 евра во Белгија, во Унгарија 350, до Чешка со 131 евро. „Африканското“ ниво приближно од 30 – 50 евра по еден член во просечните македонски четиричлени семејства со по еден вработен, или дури и со сите возрасни членови како стечајци и невработени, стечајци, или технолошки вишоци, е далеку под елементарното ниво на човечкото достоинство.