1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пратениците се далеку од граѓаните

26 мај 2009

Во соработка со Националниот демократски институт од САД, предвидено е во Македонија да се отворат нови пратенички канцеларии. Граѓaните критикуваат дека имаат слаба комуникација со народните избраници.

https://p.dw.com/p/HxRE
Македонското собраниеФотографија: Petr Stojanovski

„Вашиот пратеник поблиску од кога било досега“ - ова е основното мото на проектот на Националниот демократски институт од Вашингтон, САД, кој предвидува во Македонија, до крајот на годинава, да функционираат вкупно 75 канцеларии за комуникација меѓу пратениците и граѓаните. Проектот се спроведува шест години. Во моментов, работат, или постојат, 43 вакви канцеларии. До крајот на годинава претстои отворање на уште 32.

Од 2003 година досега, низ постојните канцеларии минале повеќе од 120 илјади граѓани. Две третини од проблемите што ги изнесле се однесуваат на прашања од економска природа, главно, за вработувања.

Димитар Спасеновски, проектниот координатор во Националниот демократски институт за Македонија вели: „Во периодот од септември 2008 до март 2009 година во канцелариите што се отворени, се регистрирани 4.334 посети на граѓани, кои покренале вкупно 2.359 случаи. Од нив 936 биле решени успешно.“

Граѓаните критикуваат дека пратениците се оддалечени од народот

Дел од граѓаните на Тетово, запрашани дали досега на каков било начин контактирале со пратениците за кои гласале, одговараат:

Parlament Gebäude in Skopje Innenansicht, Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Со никого и немам доверба во никого, затоа што се оддалечени многу од народот. Народот ја загуби многу довербата во пратениците“

„Далеку се, многу се далеку од народот!“

„Не. Од каде ќе имам јас контакт со тој пратеник од парламентот? Само на фотографија го имам видено и ништо повеќе!“

„Да. Мојот пратеник, за кого сум гласал, работи за народот.“

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Наташа Јаневска од Тетово се среќава со своите бирачи во просториите на својата партија во Тетово. Таа очекува да се отворат најавените, уште две, пратенички канцеларии и посочува: „Се работи за карактерот на пратеникот. Ако тој ја чувствува потребата и ако ја сфаќа обврската, или должноста, дека треба да биде до граѓанинот, за да му помогне, оти го добил неговиот глас, тогаш мислам дека треба да биде во канцеларијата во закажаното време. Имате пратеници, кои можеби не ја сфаќаат сериозно својата функција и токму поради тоа се оддалечени од народот. Но, народот знае и да казнува, како што знае да наградува.“

Пратениците „бркаат“ позиции

Осман Кадриу, професор по уставен и политички системи на ФОН универзитетот во Скопје е категоричен: „Имаме несоодветен однос пратеник-граѓанин. Пратениците веќе преминуваат во групата функционери, кои ги штитат сопствените интереси, позиции и привилегии, а далеку се од тоа да ги застапуваат интересите на граѓаните“.

Trajko Veljanovski, Maz. Parlamentspräsident, Skopje, Mazedonien, 11.01.2008
Претседатеделот на Собранието, Трајко ВелјановскиФотографија: DW/MIA

Проектниот координатор Спасеновски најавува: „Во договор со претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Велјановски и со координаторите на пратеничките групи, веќе од оваа есен, од септември, пратениците еден ден ќе бидат ослободени од обврските во Собранието и во неговите комисии. Значи, нема да има пленарни седници во петоците, заради тоа што тој ден пратениците ќе бидат обврзани да го минуваат времето во овие пратенички канцеларии, да комуницираат секојдневно со граѓаните.“

Предвидено е Собранието на Република Македонија да ја преземе од меѓународните организации грижата за функционирањето на пратеничките канцеларии. Но, според професорот Кадриу, потребно е уште нешто: „Две новини се потребни да се предвидат во рамки на Уставот: отповикување на пратеникот и ограничување на неговиот мандат.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска