1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прашај го Сноуден

Грета Хаман / Елизабета М. Фиданоска24 јануари 2014

Стотици илјади прашања, 13 одговори - Едвард Сноуден резервираше речиси два часа за интернет-чет. Интересот беше огромен, а Сноуден ја искористи можноста за критика на сметка на НСА и Обама.

https://p.dw.com/p/1AwTE
Фотографија: picture alliance/ZUMA Press

„Прашај го Снодуен“ - #asksnowden. Во текот на речиси целиот вчерашен ден (23.01) овој хаштаг им беше понуден на луѓето од цел свет кои преку социјалната мрежа Твитер сакаа да постават прашање до поранешниот соработник на американските тајни служби. По 21 часот, на интернет страницата на поддржувачите на Едвард Сноуден, требаше да бидат објавени негови одбрани одговори.

Но прво не се случуваше ништо. По четири минути дојде и првото прашање. Го постави корисничката на Твитер @savagejen од Тексас, САД, која на својот профил се претставува како „Hacker mommy“. Таа го праша Сноуден: „Дали сметате дека нашата демократија може да се опорави од штетите кои ги предизвика шпионажата на НСА?“

На одговорот не се чекаше долго. „Да. Она што ја прави нашата земја силна е нашиот систем на вредности, а не моменталната состојба на нашите институции или на нашите законски рамки.“

Сноуден ги критикува НСА и масовното прислушување

Од стотиците илјади пораки испратени до поранешниот соработник на тајните служби преку Твитер, тој во најголем дел одбра да одговори на оние кои се однесуваа на американската внатрешна политика и на НСА, што му даде можност за голема критика.

Screenshot Twitter Asksnowden EINSCHRÄNKUNG
Фотографија: twitter.com

Одговорите на Сноуден на овие прашања беа релативно долги. Тој повторно зборува за „безобѕирно масовно надгледување и собирање од страна на владите на милијарди и милијарди и милијарди податоци на недолжни луѓе“. Тоа, според Сноуден, не се прави затоа што е неопходно, туку затоа што со новите технологии е едноставно и евтино. Сноуден верува дека е можно да му се стават граници на надгледувањето од страна на тајните служби: „Можеме да ги корегираме законите, да ги ограничиме службите и да ги повикаме на одговорност службениците кои се одговорни за противзаконски програми.“

„Под какви услови би се вратиле во САД?“

На прашањето под какви услови Сноуден би се вратил во САД, тој одговара со критика на актуелниот закон во САД, кој му оневозможува да се врати и „да има фер процес“ пред американски суд. „Најдобро решение за владата, за јавноста и за мене“ би било да се вратам во САД, вели Сноуден, додавајќи дека актуелните закони не му даваат никаква заштита.

Сноуден одговараше и на критички прашања. Така, корисникот @MichaelHargrov1 праша: „Дали се грижевте за приватната сфера на Вашите колеги кога ги крадевте нивните пасворди и податоци за логирање?“ Притоа, лицето кое го поставува прашањето, а кое на својот Твитер-профил се претставува како „поранешен војник и горд демократ и поддржувач на претседателот Обама“, се повикува на текст на агенцијата Ројтерс, во кој што се тврди дека Сноуден ги побарал пасвордите на 20-тина свои колеги со образложение дека му се потребни како систем администратор.

Screenshot Twitter Asksnowden EINSCHRÄNKUNG
Фотографија: twitter.com

На ова прашање, одговорот е долг само два реда, односно далеку најкраток во однос на сите други: „Со сета почит кон Марк Хосенбол, репортерот на Ројтерс кој тоа го објави, меѓутоа тоа едноставно не е вистина. Никогаш не сум украл ниту еден пасворд, ниту пак сум измамил армија соработници.“

#AskSnowden беше искористен и за шеги

Покрај големиот број сериозни пораки и информации, акцијата на Твитер беше искористена и за вицови. Хаштагот #asksnowden беше искористен за поранешниот соработник на тајните служби да биде прашан и за мислење околу Џастин Бибер,за вонземјаните или за временската прогноза. Други од него сакаа да знаат што би им препорачал за појадок наредниот ден.

Одговорите на Сноуден се објавени на интернет страницата на неговите поддржувачи www.freesnowden.is. Таму има и повик за донации и може да се прочитаат опширни информации за Сноуден и неговите откритија, кои предизвикаа голема возбуда ширум светот. Зад интернет-страницата стои фондацијата „The Courage Foundation“. Таа, според сопствени наводи, е основана за да ги заштитува новинарите кои се прогонувани поради нивните текстови. Сноуден е прво лице кое има заштита од фондацијата. Меѓу нејзините иницијатори е и основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.