1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прва Парада на гордоста во Црна Гора

СН/ЖА/фена/танјуг24 јули 2013

Во Будва денеска ќе биде одржана првата Парада на гордоста во Црна Гора. Иако полицијата порача дека ќе ги презее сите мерки манифестацијата да помине мирно и сигурно, тензии сепак има.

https://p.dw.com/p/19DV4
Фотографија: DW

Во Будва (насловна фотографија), пред одржувањето на првата Парада на гордоста, се појавија некролози со името на претседателот на ЛГБТ Форумот прогрес Здравко Цимбаљевиќ, организаторот на геј поворката.
Владата на Црна Гора го осуди објавувањето на некролозите и изрази уверување оти Црна Гора има демократски капацитети да ги штити човековите права на секој граѓанин без оглед на разликите и какви било лични карактеристики, јави српската новинска агенција Тањуг.

Почитување на разликите и толеранција, како што е истакнато, според верувањата на сите социјални групи претставува водечка вредност на мултиетничкото и мултикултурното црногорско општество.
Цимбаљевиќ и претходно изјави дека Парадата на гордоста во Будва ќе биде показател колку црногорското општество е во состојба да ги прифати и негува разликите.
Незадоволство за одржувањето на геј парадата во Будва изразија и навивачите на фудбалскиот клуб „Партизан“ од тоа приморско место, а во метрополата на црногорскиот туризам е организирано и потпишување петиција против одржување на Парадата на гордоста.
Угостителите во будванските локали ноќеска околу 00.30 часот во знак на протест ја исклучија музиката во своите објекти, а слично најавија и за вечерва.

Црногорската влада претходно порача дека со одржување на Парадата на гордоста сака да се испрати порака оти Црна Гора е општество во кое се почитуваат човековите права, а од полицијата порачаа дека ќе се превземат сите мерки манифестацијата да помине сигурно.
Министерот за заштита на човековите и малцински права Суад Нумановиќ рече дека владата на Црна Гора го поддржува одржувањето на Парадата. „Парадата на гордоста во Будва ќе биде показател на вкупните промени во црногорското општество на европскиот пат“, истакна тој.
Според неофицијални информации, за сигурноста на учесниците на Парадата на гордоста во Будва ќе бидат ангажирани околу 400 полицајци, меѓу кои и припадници на специјалните единици.
Од ЛГБТ Форумот прогрес најавија дека до крајот на летото ќе биде одржана уште една Парада на гордоста во Црна Гора.

Gay Pride Fahne
Фотографија: picture alliance / AFP Creative