1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прва стратегија за енергетскиот сектор во Македонија

15 јуни 2009

По речиси дваесет години независност, Македонија доби енергетска стратегија подготвена од МАНУ. Академиците предвиделе две сценарија што треба да обезбедат стабилен енергетски сектор на земјата.

https://p.dw.com/p/IAAm
Фотографија: AP

Стратегијата предвидува две сценарија за развој на енергетскиот сектор во Македонија. Во првото не е предвидена изградба на атомска централа, другото сценарио освен термо и хидроцентрали вклучува изградба и на атомска централа. Министерството за економија денеска го презентираше нацрт текстот на енергетската стратегијата на Македонија за период 2008 - 2020 со визија до 2030, плански документ подготвен од МАНУ.

За реализација на стратегијата државата ќе треба да обезбеди четири милијарди евра за сценариото без атомска централа, а пет милијарди евра ако се гради и нуклеарка. Министерот за економија Фатмир Бесими е задоволен од документот и оптимист во однос на реализацијата. Стратегијата нема да биде ставена во нечија фиока, ветува Бесими.

Прдвидена е модернизација на постоечките капацитети

Стратегијата предвидува модернизација и ревитализација на постојните хидро и термо енергетски објекти, дури и на ТЕЦ Неготино која работи на мазут, целосно искористување на домашните ресурси, хидропотенцијалот и лигнитот. Потоа се предвидува да се воведе природниот гас и обновливите извори на енергија, ветрот и сонцето во производство на електрична енергија. Во зависност од сценариото предвидена е изградба на три термоелектрани од по 300 мегавати или пак една ТЕЦ од 300 и една нуклеарна централа од 1.000 мегавати во второто сценарио. Хидро и термо електраните треба да бидат изградени до 2019 година, а нуклеарната електрана во 2026.

На Македонија и претстои црно сценарио ако продолжи со долсегашната пракса на игнорирање на енергетскиот сектор, предупреди академик Томе Бошевски. Неговиот колега Глигор Каневче објасни дека Македонија плаќа најниска цена за електрична енергија во регионот и тоа не обезбедува доволно пари за инвестиции во регионот.

Енергетскиот сектор е еден од основните столбови на развојот на една држава, стратегијата подготвена од МАНУ води сметка за интересите на Република Македонија и за нејзините граѓани, а во неа се вградени практитките и регулативите на Европската унија. Документот ќе биде даден на јавна расправа, а по нејзиното завршување ќе следи изготвување на финална верзија која потоа ќе биде усвоена од Владата.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска