1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првична отштета за настраданите околу Фукушима 1

15 април 2011

Речиси 50 илјади домаќинства во забранетата зона околу нуклеарката Фукушима треба да добијат првично обесштетување од Тепко, компанијата-сопственик на нуклеарката. Владата сака тоа да се случи уште овој месец.

https://p.dw.com/p/10u03
Состојбата во Фукушима 1 и натаму критичнаФотографија: picture alliance/dpa

„Забранета зона“ - предупредува таблата - на неколку километри оддалеченост од хаварисаната атомска централа Фукушима 1 од која истекува радиоактивност која ја контаминира околината. Како и сите други места во радиус од 30 километри и Минамисома наликува на град на духови. Речиси 50 илјади домаќинства во забранетата зона сега треба од Тепко- компанијата која управува со нуклеарката да ги добијат првите средства за обесштетување.

Околу 8 илјади евра за почеток

Владата сака доколку е можно тоа да се случи веќе овој месец.

„Основната идеја е секое домаќинство да добие 1 милион јени односно околу 8 илјади евра. Сметаме дека овој износ е неопходен за привремена поддршка“, изјави портпаролот на јапонската влада Јукио Едано. Со овие средства треба да се покријат краткорочните животни трошоци. Многу луѓе мораа да ги напуштат домовите и притоа можеа со себе да го земат само најнеопходното.

Како натаму ќе се одвива животот на многумина меѓутоа е нејасно, бидејќи на луѓето им е одземена основата за живот. Наото Мацумура е земјоделец кој одбива да замине, но нему како и на многу други земјоделци и производители на храна од регионот им е забрането да ги продаваат нивните производи.

Dossierbild 3 Japan Schutzanzüge
Работниците на Тепко очајнички се обидуваат да спречат полошоФотографија: AP

„Добро е ако успеат да го запрат истекувањето на радијација од Фукушима 1. Но се’ уште никој не знае колку долго ќе трае ова. Може да трае пет години или пак десет“, вели Мацумура. Штетите кои ги трпат земјоделците како Мацумура или пак рибарите не се покриени со првичното обесштетување.

Битката за ограничување на штетата продолжува

Инаку во забранетата зона пред се’ е присутна армијата и нејзините специјални единици. Тие постојано ги предупредуваат луѓето кои останале во зоната, веднаш да се упатат на побезбедно растојание од нуклеарката или да не излегуваат од своите домови.

Од другастрана работниците во нуклеарката и натаму се обидуваат да ги стават под контрола хаварисаните реактори. Неуморно се впумпува вода за ладење на вжештените реакторни јадра, а за да се избегнат експлозии на водородот кој се создава, работниците го полнат реакторот број 1 со азот.

Автор: Кристоф Зајдел/ Симе Недевски/ дпа

Редактор: Трајче Тосев