1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Први затворски казни за хаваријата на „Коста Конкордија“

АТ/ ртр/ ард/ афп/ дпа20 јули 2013

Еднаипол година по хаваријата на бродот „Коста Конкордија“ паднаа првите судски пресуди за одговорните лица. Процесот против капeтанот на бродот се води одвоено и нему му се закануваат до 20 години затвор.

https://p.dw.com/p/19BBE
Фотографија: picture-alliance/AP

Еднаипол година по хаваријата на бродот за крстарење „Коста Конкордија“ на затворски казни се осудени четворица членови на екипажот и еден менаџер на бродското претпријатие. Италијански суд денеска (20.07.) пресуди дека меѓу друго, тие се виновни за убиство од небрежност. Сите петмина обвинети пред судот во Гросето делумно признаа дел од вината, за да ги ублажат казните. Судот ним им одреди релативно благи казни - затворски казни во траење од 18 до 34 месеци. Во кругови на правосудните органи се вели дека ниту еден од осудените нема навистина да оди во затвор: Имено пократките затворски казни би можеле да бидат заменети со условни казни. Адвокатите на жртвите беа разочарани од пресудата.

Процесот против капетанот на бродот Франческо Скетино се води одвоено. Неговите бранители понудија дека ќе прифатат затворска казна од три години и пет месеци. Ова меѓутоа судот го одби. Скетино со ова е единствениот обвинет во главниот процес. Тој е обвинет дека извршил маневар преблиску до брегот и пред судот треба да одговара за убиство од небрежност и прерано напуштање на бродот. Доколку биде осуден, според неговиот адвокат, му се закануваат до 20 години затвор.

При хаваријата на 13. јануари 2012 година на бродот „Коста Конкордија“ имаше околу 4.200 патници. Бродот заринка на брегот на Тоскана, пред островот Џиљо. Во несреќата 32 луѓе го загубија животот.