1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прво германско издание за оние кои сакаат да патуваат во Македонија

Силвера Падори23 септември 2005

"Откријте ја Македонија" - Ова е насловот на првиот германски водич за Македонија што деновиве го објави Издавачката куќа "Трешер Ферлаг" специјализирана за ваков вид публикации.

https://p.dw.com/p/AeUR
Стара чаршија во Скопје
Стара чаршија во СкопјеФотографија: dpa

Автор на книгата „Откријте ја Македонија“ која чини 16,95 евра е Филине фон Опелн, англист и германист од Хамбург, инаку вљубеник во Македонија.

Како изгледа водичот?

Црквата "Свети Јован Канео" и сината вода на Охридското Езеро се на корицата на првото германско издание наменето на туристите кои патуваат во Македонија. На задната жолта корица од книгата е картата на Македонија под која пишува дека Македонија е се уште неоткриена цел. Има живи градови, убави планини, големи езера, манастрири од средниот век, ископини од римско и сведоштва од турско време. На 317 страници авторката на "Откријте ја Македонија" - Филине фон Опелн содржински од сите аспекти да ја претставува Македонија. Како се случи малата земја од Балканот да и стане провокација, па да напише и цела книга за тукашната германска публика?

"Да кажам од почеток...Имам пријатели во Скопје, кои често ме канеа да одам и да ми ја покажат Македонија. Бев љубопитна. Сакам да патувам и тогаш кога барав повеќе инфромации за земјата, констатирав дека нема никаков водич на германски јазик.Си поставив задача да заминам и да направам книга за идните германски туристи кои ќе патуваат во Македонија" - вели фон Опелн која првпат била во Македонија пред година и половина. На книгата работела добри 7-8 месеци.

Книгата е составена од три дела

Првиот дел е географија. Сосема класично опишани се населението, религијата, културата. Следниот дел е чисто за оние кои патуваат. Обработени се пет региони: Скопје и околината, југо-западниот дел и езерата - Охрид и Преспа, потоа Пелагонија, Северна и Источна Македонија. На крајот, во третиот дел се практични совети - се околу патувањето низ Македонија, требаат ли визи, каква валута се користи, каде може да се спие или руча, каков е превозот, колку чини и сл.

Интересно е што во книгата се наоѓаат и информации кои за обичниот германски турист секако се новина: старата и поновата историја на земјата од 20 век, Балканските војни, поделбите, Македонското прашање, етникумите, црквата, политичкиот живот на земјата.

Како се собрани информациите?

Ја прашавме авторката дали имала проблеми при собирањето на потребните материјали?

"Најтешко беше обезбедувањето на урбанистичките планови на градовите. Има многу планови во книгата за поголемите градови. И со оглед на маката, среќна сум што успеав и нив да ги обезбедам. " - вели фон Опелн кажувајќи дека наидувала на срдечност, приемчивост и помош. Инаку во книгата има 26 мапи и планови на градови и нивната околина, како и детални информации за она што особено ги интересира туристите: од превозот, преку сместувањето, музеите, културните манифестации, до ресторани и типичните македонски јадења.

"Во водичот поместив и неколку рецепти за готвење - тавче гравче, таратор и турско кафе. Всушност има дел околу храната. Што би можеле и каде да јадат туристите и сл" - кажува фон Опелн која околу реализацијата на книгата вели дека имала среќа што својата идеја му ја соопштила на вистинскиот издавач во вистинското време дополнувајќи дека е изненадена од интересирањето. Поголемо од што можеше да се претпопстави. Најпрво беа планирани 3.000 примероци, а потоа се отпчатија 4.000. Фон Опелн е оптимист дека нејзината книга ќе придонесе за развој на туризмот во Македонија.

Неоткриена земја на Балканот

Според содржината, може да се каже книгата е вистински погодок. Но, и тука издавачот "Трешер Ферлаг" го користи старото клише за неоткриената земја од Балканот. Низ 132 црно бели и 26 фотографии во боја, Македонија во добар дел е перетставена како рурална, егзотична земја каде развојот сопрел пред педесет и стотина години. Фотографирани се многу селски куќи кои чиниш секој момент ќе се урнат, макадами со коњска запрега, излози од педесетите, пазари, многу стари луѓе кои безделничат, но не и модерното време во Македонија. Филине фон Опелн вели дека понудила 350 фотографии. Оние што се објавени, не ги авротизирала. Жал и е, и ќе направи напор во наредното издание да има малку поинакви слики. Изборот е на издавачот кој е специјализиран токму за книги наменети за германските туристи, кои имаат интерес за региони кои се поинакви од веќе видените. Македонија, барем во фотографиите е прикажана како таква.