1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прв атентат во Израел по повлекувањето од Појасот Газа

28 август 2005

Најмалку четириесет Израелци се повредени во денешниот атантат во пустинскиот град Бершеба.

https://p.dw.com/p/AcD1
Уривање на еврејските населби во Појасот Газа
Уривање на еврејските населби во Појасот ГазаФотографија: AP

Ова е прв самоубиствен атентат на радикалните Палестинци по минатонеделното повлекување на сите израелски населби од Појасот Газа и неколку од Западниот брег на реката Јордан.

Според медиумските извештаи, атенаторот самоубиец се обидел да се качи во еден автобус на станицата во Бершеба. Припадник на силите за безбедност меѓутоа ја прочитал неговата намера и го спречил во тоа. Атентаторот се обидел да избега и во бркотницата по автобуската станица го активирал експлозивот што го носел, при што повредил четиресетина лица, од кои двајцата чувари на безбедноста кои се обидувале да го уапсат се наоѓаат во животна опасност.

Пред неполна година, на 31 август во двојниот атентат врз автобуси во Бершеба животот го загубија 16 лица, а преку 100 беа повредени.

Израелската влада ги обвини палестинските автономни власти дека носат соодговорност за денешниот атентат. Тоа е последица од пасивноста на палестинските сили за безбедност, посочи портпаролот на владата, Ави Паснер. По повлекувањето на Израел од Појасот Газа палестинските власти мораат да преземат остри мерки против радикалните групи, доколку сакаат продолжување на мировниот процес – нагласи говорникот на израелската влада.

Вице премиерот Шимон Перес, пак, порача:

„Постојат групи и поединци кои се обидуваат да го попречат мировниот процес и замолкнувањетоп на оружјето. Ние секојдневно добиваме информации за нивните намери. Сега треба да извлечеме заклучоци, а се надевам тоа ќе го сторат и палестинските власти, оти теророт не ја загрозува само безбедноста на Израел, туку и судбината на Палестинците.„

Главниот преговарач на Палетинците, Саеб Ерекат го осуди нападот и ги повика милитантните групи да се придржуваат до примирјето. Неколку часа пред нападот палестинскиот Претседател Махмуд Абас во интервју за израелското радио изјави дека примирјето со Израел е и понатаму на сила и не е временски ограничено. Но, доколку израелските сили продолжат со целните ликвидации на палестински радикали, тогаш никој не може да гарантира за реакциите. Минатата недела израелски војници ликвидираа петмина Палестинци во Тулкарем, по што милитантните организации најавија одмазда.