1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прв лет на најмодерниот авион на светот

Свен Анерт / Елизабета М. Фиданоска14 јуни 2013

Развојот на новата ѕвезда на Ербасовото небо чинеше над 10 милијарди евра. Ербасот А350 денеска (14.06) го апсолвираше успешно својот прв лет.

https://p.dw.com/p/18pLp
Фотографија: picture-alliance/dpa

Стартот на создавањето на Ербасот А350 беше означен во 2006 година. Новиот престижен објект на Ербас е резултат на мултинационална тимска работа. Околу 2000 авиодизајнери работеа на развојот на штедлив, лесен и технолошки развиен авион, кој во три различни верзии ќе може да пренесува од 250 до 400 патници и треба да биде пуштен во сообраќај од 2014 година. Над 30 авиокомпании и лизинг-фирми досега нарачаа 613 летала во сите три верзии.

Катар Ервејз е прв муштерија и најверојатно ќе го преземе првиот од 80-те нарачани авиони во летото 2014-та. Се проценува дека досега во логистички исклучително комплексниот проект се инвестирани 10 милијарди евра.

Според анализите на пазарот, во наредните 20 години во сообраќај ќе има над 6000 вакви авиони. Ербас се надева на удел на пазарот од над 50% и негува оправдани надежи дека ќе ги остави зад себе вечните конкуренти од Сиетл. Новите хај-тек авиони на Ербас ќе чинат меѓу 250 и 330 милиони американски долари и тие ќе трошат шест проценти гориво помалку од конкурентот „Дримлајнер“ на Боинг.

Fotomontage Boeing Dreamliner und Airbus A350
Фотомонтажа - Ербас А350 и Боинг ДримлајнерФотографија: Fotomontage/AP/DW

Дигитален мок-ап

Во Ербас се избегнува зборот „револуционерен“, но А350, мерено според актуелната состојба на техниката, ќе биде најмодерниот авион на долги релации во светот, кој речиси половина се состои од композитни материјали. Покрај тоа, тој има и нови мотори, подобрена аеродинамика и голем комфор во кабините.

Илјадници соработници од речиси 90 фирми ширум светот работат на новиот авион, од кој во моментов се градат пет тест-летала. Со помош на таканаречен „дигитален мок-ап“, односно дигитален модел кој ги документира сите детали во конструкцијата и тест-фазата на А350, сите учесници во создавањето на авионот и транспортерите можат да видат онлајн каде треба уште да се работи - кои кабли недостигаат, дали акумулаторите се прегреани, или дали се нарачани точно онолку делови колку што се неопходни. Тоа е од помош за да се избегнат, односно согледаат проблеми слични на оние што ги имаше „Дримлајнерот“.

Ербас кај моделот А350, поучен од проблемите со акумулаторите на Боинговиот „Дримлајнер“, се откажа од вградување на контроверзните литиумско-јонски акумулатори и ќе стартува со вообичаени акумулатори.

Airbus A 350 XWB
Досега во логистички исклучително комплексниот проект A350 се инвестирани 10 милијарди евраФотографија: Airbus

Штедлив и удобен

Што се однесува до комфорот на патниците, Боинговиот „Дримлајнер“ и А350 се разликуваат само минимално. Попријатен воздух во кабините, значително пошироки седишта и светла кои ќе се прилагодуваат на фазите ден-ноќ, како и поголеми прозорци, се стандард во двата модела на авиони за долги релации. Кога А350 есента 2014-та ќе почне да сообраќа редовно, од конкурентот во Сиетл во сообраќај ќе има веќе сто „Дримлајнери“, доколку, се разбира, претходно се стави крај на серијата проблеми со кои се соочува Боинг. Тогаш ќе се види кој од двата најмодерни џетови за долги релации го има оптималниот „микс“ од штедливост, безбедност и комфор. Натпреварот почна!