1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Превентивен лек против сида

ЕМФ/дв17 јули 2012

Во САД е првпат дадена дозвола за лек кој треба да заштитува од инфекција со ХИВ, односно да го намалува ризикот од зараза. Критичарите предупредуваат дека тоа можеби ќе предизвика потценување на ризикот од инфекција.

https://p.dw.com/p/15YrG
Фотографија: AP

Американските власти за надзор на лекови и животни намирници ФДА соопштија дека препаратот Трувада може да се најде на пазарот со цел да се намали ризикот од зараза со вирусот на ХИВ на здрави луѓе кои се наоѓаат во средина кадешто ризикот од инфекција е голем, како луѓе кои живеат со партнер кој е заразен со ХИВ. Таблетите Трувада би требало да се пијат еднаш дневно. Сепак, властите нагласуваат дека употребата на кондоми е и натаму задолжителна.

ФДА со тоа ја следи препораката на комисијата на независни експерти, која на средината од мај препорача да се даде дозвола за таблетите од фармацевтското претпријатие Gilead Sciences. „Дозволата е голем чекор во борбата против ХИВ“, изјави Маргарет Хамбург од ФДА во седиштето на оваа институција во Мериленд, САД.

Властите се повикуваат на клинички студии

Во клиничката студија со Трувада се покажало дека ризикот од инфекција кај хетеросексуални партнери, од кои едниот е серопозитивен, се намалил за 75 проценти. Како серопозитивни се карактеризираат лицата кај кои е докажано постоење на вирусот, но кои не заболеле од сида.

Резултатите од друга студија кај хомосексуални неинфицирани лица покажале дека ризикот од инфекција се намалил за 73 проценти. Во тек се и други студии за дејството на таблетите Трувада. Инаку, Трувада веќе се употребува во комбинација со други лекови за лекување на инфекции со ХИВ.

Трошоци до 14.000 долари

Критичарите предупредуваат дека Трувада може да предизвика лажна сигурност кај лицата што би ги пиеле таблетите дека се безбедни од инфекции со ХИВ. Освен тоа, воведувањето на лекот е спорно и поради високите трошоци кои изнесуваат до 14.000 долари (околу 11.500 евра) годишно. Лекарите стравуваат и дека вирусот ХИВ би можел да стане отпорен на Трувада и предупредуваат дека податоците во студиите за дејството на таблетата во женскиот организам не се доволни.

Најавата за дозвола за лекот доаѓа една недела пред почетокот на Меѓународната конференција за сида во Вашингтон, на која околу 25.000 учесници една недела ќе дискутираат за актуелната состојба во борбата против сидата и ќе претставуваат нови студии.