1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговори и покрај шпионирањето од страна на НСА

Бернд Ригерт/ Симе Недевски30 октомври 2013

ЕУ има намера да ги продолжи преговорите за договорот за слободна трговија со САД. Ни „жртвата“ на шпионирање, канцеларката Ангела Меркел, нема ништо против тоа.

https://p.dw.com/p/1A7zA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ужаснатоста и незадоволството поради шпионските активности на американската тајна служба НСА, ЕУ јасно ги разделува од работните обврски. Германската канцеларка Ангела Меркел на Самитот на ЕУ на крајот на минатата недела јасно кажа, дека таа смета оти би требало да се продолжат преговорите со САД за воспоставување на слободна трговска зона без разлика на аферата за прислушкување на нејзиниот мобилен телефон. Притоа таа во тој став не е осамена- сите 28 шефови на држави или влади на земјите-членки на ЕУ го имаат истото мислење, барем ако се суди врз основа на официјалното соопштение по средбата.
А ставот на германската влада на почетокот на оваа недела уште еднаш го потврди и портпаролот на канцеларката, нагласувајќи дека слободната трговија е поважна од лутината поради прислушуваниот мобилен телефон. „Мое мислење е дека секој кој мисли да ги напушти преговорите мора да има и јасна претстава за тоа дека тие подоцна повторно треба да се започнат. Можеби во оваа напрегната ситуација разговорите сепак се поважни, токму сега!“, изјави Меркел на самитот.

Deutschlands Rolle in der EU
Кристијан ЕлерФотографија: DW

Не се сече гранката на која се седи

Во преговорите со САД се работи за далекусежни царински и трговски договори кои на крајот, кога ќе се постигне договор, и на едната и на другата страна би требало да им донесат голем број нови работни места и економски раст. Целта е отстранување на трговски пречки и воведување единствени стандарди веќе до крајот на наредната година. Со тоа би се создала најголема слободна трговска зона на светот. Европската комисија еднакво како и Европскиот парламент тој проект го прогласија за еден од приоритетите.
Пратеникот во Европскиот парламент од редовите на германските демохристијани, Кристијан Елер раководи со европско-американската парламентарна група. Во разговорот за ДВ тој вели дека прекин на преговорите не би бил добро решение: „Ние ја сечеме гранката на која седиме. Се работи за милијарда можности за економијата од двете страни на Атлантикот. Зошто самите да се казнуваме себе си за расправа која со оваа тема и нема директна врска?“. Овој договор, на кој се работи веќе со години, не би смеел да биде земен како „заложник“ на некои други проблеми“, смета Елер.

Социјалдемократите сакаат пауза за размислување

Поинаков став застапува претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц од редовите на германските социјалдемократи. Тој во моментов е предводник на социјалдемократскиот тим во преговорите за формирање владина коалиција со демохристијаните во Берлин. Негов ресор е „Европа“. Начелно Шулц се залага за воспоставување на слободна трговска зона, но смета дека сега е време за пауза поради скандалот околу прислушкувањето. „Доколку ова продолжи се плашам дека мнозинство би можеле да добијат оние кои се начелно против договорот за слободна трговија. Поради тоа мојата препорака е: Да запреме за момент и да размислиме, како можеме да го запреме тој развој. Тоа е во интерес како на САД, така и на ЕУ.“ Најмалку што може да се очекува од Американците е тие да не ги прислушкуваат луѓето во Европската комисија и делегациите со кои преговараат, смета Шулц.
Демохристијанот Кристијан Елер меѓутоа во тоа не гледа голем проблем: „Дали е тоа навистина толку важно и релевантно? Па тоа се само преговори. Тука позициите на двете страни се познати и потребно е околу нешто да се договорат. Јас не се плашам дека тоа за нас би можела да биде некоја тактичка неповолност“, вели Елер за ДВ.

Europaparlament Haushalt 2014-2020 Abstimmung Martin Schulz
Мартин ШулцФотографија: Frederick Florin/AFP/Getty Images