1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

080911 EZB EU Wirtschaftskrise

9 септември 2011

Советот на Европската централна банка вчера (08.09) во Франкфурт реши да ја остави основната каматна стапка во еврозоната на 1,5 насто. Претседателот на ЕЦБ, Жан Клод Трише причините ги соопшти на прес-конференција.

https://p.dw.com/p/12Vw8
Жан Клод ТришеФотографија: dapd

Послаб развој при истовремено малку намалена опасност од инфлација, гласи најважното образложение за одлуката околу каматната стапка на Европската централна банка. За мнозинството новинари меѓутоа, поважна беше проценката на шефот на ЕЦБ, Жан Клод Трише, за вкупната тешка ситуација во еврозоната. Најважната негова препорака е - консолидирање:

„Владите мора да бидат подготвени на натамошни консолидирачки мери. Сите влади од еврозоната треба заеднички да покажат нескршлива желба за стабилност на еврозоната“.

Според Трише, не смеело ни да се отиде толку далеку со задолжувањето, особено не во Грција.

 Однос на пријателско потценување

Трише не ја криеше лутината што речиси сите влади од државите на ЕУ со години ги запоставуваа одредбите од Пактот за стабилност на еврото.

„Долго банката беше осамен проповедник во пустина. Посебно тешко се справувавме со големите земји. Односот на владите, на пазарите и на партнерите кон нас беше - пријателско потценување“.

Пријателското потценување одамна се претвори во паника. Проблемот на долговите сата сериозна опасност за заедничката валута, а Грција е најтешкиот случај во сите спасувачки напори. Претставниците на меѓународната тројка - ЕУ, ЕЦБ и ММФ, минатата недела фрустрирани ја напуштија Атина откако констатираа дека Грција не завршила добар дел од своите обврски. Меѓутоа, претходните очекувања и така беа превисоки, смета Томас Миро, претседател на Европската банка за обнова и развој. Пред новинарите во Брисел тој изјави:

„Мислам дека е тешко да се избегне банкрот. Актерите мислеа поинаку, ЕЦБ и шефовите на влади секогаш ја одбиваа оваа можност. Ние се решивме за поинаков пат, сега мора да го сочекаме развојот на настаните и да видиме дали тој е изводлив“.

NO FLASH Euro Europäische Länder in der Schuldenkrise
Фотографија: picture alliance/dpa

 „Еврото нема да пропадне“

 За соодветноста на патот сомнеж во меѓувреме постои не само за Грција, туку и за другите високозадолжени држави, како Шпанија и Италија. Но, Миро отфрла можност за пропаст на еврото.

„Воопшто не се сомневам дека еврото ќе преживее како заедничка валута. Проблемот што го имаме е што поради финансиската криза долговите се преголеми не само во европските држави, туку и во САД и Јапонија.

Долгот мора да се намали, а тоа е болен процес на приспособување, чија цена е побавен развој и со тоа ги оптоварува луѓето. Но, процесот е неизбежен, нема друга алтернатива“.

И кај Миро притоа, останува само принципот на надеж во политичката изводливост на процесот на приспособување.

 Автор: Кристоф Хазелбах/ Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска