1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пред 50 години беше положен еден од темелите на ЕУ

Тина Герхојзер/ Зоран Јордановски 13 октомври 2012

Германско-француското пријателство е важен темел на Европската унија. Камен-темелник беше поставен пред 50 години со посетата на тогашниот француски претседател Де Гол во Бон.

https://p.dw.com/p/16PAe
Фотографија: picture-alliance/Bildarchiv

„Да живее Бон, да живее Германија, да живее германско-француското пријателство“ - зборови упатени до народот против кој се бореше во две војни, изречени од Шарл де Гол, човекот кој во Првата светска војна беше ранет и се најде во германско заробеништво, а во Втората го предводеше француското движење на отпорот против нацистите и нивните француски соработници. Со бурен аплауз беа поздравени зборовите на Де Гол изречени во првите септемвриски денови на 1962 година, кога тој како прв француски претседател ја посети Сојузна Република Германија. Пораката за помирување тој ја пренесе повикувајќи се на зборовите на германскиот писател Катл Цукмајер, прогонет од нацистите: „Ако вчера наша должност беше да бидеме непријатели, денес е наше право да бидеме браќа“.

Сопки на патот на европската интеграција

За генерал Шарл де Гол, и за тогашниот германски канцелар Конрад Аденауер, тоа е веќе реалност - тие се поврзани со длабоко пријателство. Францускиот претседател се надеваше дека германско-француското братство ќе ја предодредува политиката во повоена Европа. Тој се стреми штотуку формираната Европска економска заедница (ЕЕЗ) да ја унапреди во политичка унија. Таа насока билатерално требаше да ја трасира еден договор за пријателство - Елисејскиот договор. „Најважно е никогаш да не се загуби довербата на пријателите. Без овој договор нема европско единство“, рече Аденауер при потпишувањето на договорот во јануари 1963 година.

De Gaulle bei Adenauer in Bonn bejubelt Deutsch-Französische Freundschaft
Де Гол со Аденауер во Бон - славје за германско-француското пријателствоФотографија: picture-alliance/dpa

Но, на патот до таму има многу сопки. Се’ додека беше на претседателската функција, Де Гол го спречуваше пристапувањето на Велика Британија во ЕЕЗ. Потоа постојано имаше спорови околу парите. Поминаа речиси дваесет години додека еден друг германско-француски дует и’ даде натамошен, силен потик на европската интеграција.

За проевропска Германија

Обединувањето на Европа првобитно беше „далеку повеќе отколку понуда од материјални предности“, предупреди германскиот канцелар Хелмут Кол во владината изјава во мај 1983 година, „и така мора повторно да биде!“ За визијата за политичка заедница Кол најде близок сојузник во Франсоа Митеран, кој во тоа време беше на чело на француската држава. На 22 септември 1984 двајцата, фатени рака за рака, на гробиштата во Вердин, местото во кое Митеран беше ранет во Втората светска војна, со минути молчешкум им оддадоа почит на илјадниците загинати во двете светски војни. Слика за историјата, која истовремено објаснува зошто заедничкиот сон за обединување на Европа не се разби ни кога наскоро потоа односот на силите значително се помести.

Francois Mitterrand bei Helmut Kohl in Verdun Frankreich
Франсоа Митеран и Хелмут Кол во ВердинФотографија: picture-alliance/ dpa

Падна ѕидот помеѓу Исток и Запад, поделената Германија доби шанса повторно да се обедини. Берлин одеднаш се најде во средиштето на Европа. Тоа, пак, првенствено во Париз, повторно ги разбуди старите стравови од германски аспирации за велесила, од некаква германска Европа. Митеран бара европска Германија. Тој даде согласност за обединувањето на Германија само затоа што Хелмут Кол беше подготвен за натамошна европска интеграција. Канцеларот фантазира за „Соединети држави на Европа“, во кои ќе бидат зачувани националните идентитети, без некоја нација да стои во сенка на некоја друга. Една нова Европа во која, како што велеше Кол, „ние заеднички ќе гарантираме за иднина во мир и слобода, во благосостојба и сигурност.“ Тие цели потоа беа внесени во Договорот од Мастрихт од 1992 година, со кој беше востановена „Европската унија“.

Нови предизвици

Потоа сето одеше многу брзо: во 1995 година отпаднаа граничните контроли внатре во ЕУ, седум години подоцна беше воведено еврото како заедничка валута, а работна група требаше да подготви европски устав.

Кол и Митеран веќе не беа на власт, но нивно наследство е големото проширување на ЕУ кон Исток во 2004 година - од 15 на 25 земји-членки. На новите моќници во Париз и Берлин им стана строг ритуал да ја изразат определбата за традицијата на германско-француската политика за Европа. „Никој не смее да го жртвува тоа пријателство, кое преживеа толку многу работи“, и’ вети на Ангела Меркел во мај 2007 година Никола Саркози, посетувајќи ја набргу откако беше избран за претседател на Франција. Но, нивната заедничка мисија е најтешка од почетокот на европското обединување. Проширената Европа има итна потреба од реформи. Но, договорот со кој таа требаше да стане поефикасна, не помина кај граѓаните - првата верзија падна на референдум кај Французите и Холанѓаните, втората кај Ирците. Денес голема скепса го потисна воодушевувањето од времето на помирувањето.

Nicolas Sarkozy und Angela Merkel in Straßburg 2009
Претседателот Саркози и канцеларката МеркелФотографија: picture-alliance/dpa

Развојот на германско-француското пријателство во минатото секогаш беше тесно поврзано со личниот однос на државниците што беа на власт во двете земји. Имаше примери на посебно плодоносна соработка на канцелар и претседател од различни политички табори: конзервативецот Кол и социјалистот Митеран, социјалдемократот Шредер и конзервативецот Ширак. Сега францускиот социјалистички претседател Франсоа Оланд и конзервативната германска канцеларка Ангела Меркел, која пролетоска (2012) сосем отворено му помагаше на Саркози во предизборната кампања, уште бараат заедничка линија. А соочени се со извонредно важни и тешка задачи: да спречат пропаѓање на заедничката валута - еврото и со тоа да ја совладаат една од најголемите кризи во историјата на ЕУ.