1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прекинати преговорите во Грција

21 јануари 2012

Преговорите на Грција и приватните кредитори околу бришење на дел од долговите на земјата денеска се прекинати. Топ преговарачите ја напуштија Атина, а термин за нови преговори нема.

https://p.dw.com/p/13nam
Преговорите во Атина продолжуваат и денеска, со шанси за договорФотографија: dapd

Според некои информации, преговорите би можеле да продолжат преку телефон. Атина е нервозна, бидејќи сака да постигне договор пред состанокот на министрите за финансии, што треба да се одржи в понеделник (23.01). Тоа мора да го направи, за да добие нова финансиска инјекција и да избегне банкрот во март.

„Сега е време да се дејствува решително и да се види големината на можноста за финализирање на историскиот договор и да се придонесе во економската стабилност на Грција, еврозоната и светската економија“, изјавија од Институтот за меѓународни финансии.

Отстапки да направат и ЕУ и ММФ

Изјавата се чини дека се однесува за грчките функционери, ЕУ и ММФ, кои одбиваат да направат големи отстапки од позадина во преговорите, а инсистираат дека договорот мора суштински да го намали грчкиот долг, појаснуваат извори од Атина.

IIF-Direktor Charles Dallara
Чарлс Далара, шеф на Институтот за меѓународни финансииФотографија: picture-alliance/ dpa

„Со сигурност нема да знаеме ништо до понеделник. Министрите од еврозоната ќе го проверат предлогот и ќе кажат дали имаме договор. Ако речат дека немаме, тогаш се враќаме на преговарачката маса“, рече Чарлс Далара, шеф на Институтот за меѓународни финансии.

ЕУ и ММФ претходно ставија до знаење дека Атина ќе добие нов пакет помош од 14,5 милијарди евра, ако приватните кредитори се согласат да избришат 50 проценти од грчкиот долг кон нив, во замена за плаќање во кеш и нови долгорочни обврзници.

Институтот за меѓународни финансии претставува 450 финансиски институции ширум светот. Атина се надева дека ќе бидат скратени 100 милијарди евра од нејзиниот долг кон приватните инвеститори, кој изнесува 350 милијарди евра, за да може да добие нови пари и да избегне банкрот.

Автор: Александар Методијев /ртр/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска