1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прекрасен пејсаж и стара станица

3 јули 2007

Тема на разговори во летниковецот на семејството Буш, меѓу американскиот и рускиот претседател Џорџ Буш и Владимир Путин беше и спорниот ракетен штит во Полска и Чешка, против што Москва дава силен отпор.

https://p.dw.com/p/BCEl
Буш не е одушевен од понудата на ПутинФотографија: AP

Сега, дипломатите со посебен интерес ќе ја очекуваат американската реакција врз најновата иницијатива на Путин. Тој уште на самитот на Г-8 во Хајлигендам понуди заедничко користење на радарските инсталиции во Азербејџан.

Од Баку, главниот град на Азербејџан, патот води низ прекрасен пејсаж. Длабоки долини, шумни реки, густи шуми... По шест часа возење, на хоризонтот конечно се појавува Габала, мал град кој одеднаш се најде во фокусот на интересот на светската политика. Од Габала веднаш на една височинка може да види радарската станица. Чудна градба, како пресечена бетонска ски-скокалница. Стрмната страна е завртена кон Каспиското море, Иран практично е на дофат, вели заменикот шеф на вселенската група на Руската федерација, генерал-мајор Александар Јакушин:

„За време на ирачко-иранската војна нашиот радар регистрираше жестоки борби. Тогаш беа истрелани 150 скад ракети. Во јануари годинава регистриравме исфрлање оперативна ракета од иранскиот терен за тестирање. Според тоа, станицата функционира„.

Москва годишно на азербејџанската влада и плаќа 7 милиони долари. На тој начин Русија го штити своето јужно крило. Во Габала се стационирани илјада припадници на армијата и нивните семејства. Решението да се поканат неколкумина западни новинари, падна во Москва. Зашто на армијата овде, место кое досега се вбројуваше во апсолутните тајни, сето ова и е сомнително. Веднаш беше соопштено дека на политички прашања нема да се одговара. Дали Габала е алтернатива за радарските постројки во Чешка, за тоа никаков коментар.

Со застарен лифт се оди до покривот. Станицата е висока 120 метри. 17 ката, потоа уште едни метални скалила, а од врвот, грандиозен поглед. Како да поздравува, прелета еден чифт орли:

„Во овој момент се наоѓаме на највисоката точка на станицата. Од овде можеме да ги регистрираме сите стартови на ракети од Блискиот исток се до Индискиот океан на оддалеченост од 6 илјади километри. И тоа, како интерконтинентални, така и ракети од среден и кус дострел„, објаснува Јакушин.

И покрај таквите невообичаени можности, покривот изгледа доста мувлосано, една половина е без покривка, антените - стари и извалкани. По гледките во далечините, доаѓа најсветото: кат подолу во командната соба. Полутемна просторија, на таванот тркалезна ламба од 50-сеттите години. Персоналот седи пред прастари монитори кои беа исклучени. Дури и телефоните потекнуваат од советското време на што би се радувал секој музеј:

„Дежурен инженеру: анализирај ја радио-електронската состојба„!, гласи наредбата. Електрична машина за пишување, исто така антиквитет, одеднаш потскокнува и печати телекс.

Тешко може да се претпостави дека Американците, навикнати на висока технологија, овде би можеле да се интегрират, ако дојде до соработка, во што во Габала никој не верува. Радарската станица е стара 30 години и во некој веќе не инвестирал. Тоа пред се го чувствуваат жителите на Габала, град од 8 илјади души, кој наликува на бања. Меѓутоа, идилата мами, вели еден постар човек на пазарот во градот:

„Нашите деца на свет доаѓаат како инвалиди, хендикепирани се. Често нешто недостига: нос, уши, раце. Страшно е тоа што скоро и да немаме здраво дете. Недостатоци има и кај кравите. Ние многу го почитуваме Путин. Но, ако овде дојдат и Американците, тогаш зрачењето ќе биде уште поголемо. Тогаш тешко ќе се живее тука„.

Медицинарите веќе предупредуваат на промени во земјоделските производи. Порано радарот зрачеше под агол од 90 степени, вели еден еколог од градот. Сега зрачи под 120 степени и тоа стигнува се до Баку. Руската армија пак, вели дека нема никакви штети, или барем ним такво нешто не им е познато.