1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прекршувањата на меѓународното право не значат дека меѓународно право нема

Радио ВДР13 август 2008

Каков е статусот на Јужна Осетија и Абхазија од меѓународно-правен аспект и може ли да се прави споредба со статусот на Косово? Интервју на ВДР со професорот по меѓународно право на Универзитетот во Кил,Андреас Цимерман.

https://p.dw.com/p/EwA9
Кавказ, август 2008-маФотографија: AP

Има ли Грузија навистина право врз Јужна Осетија и Абхазија?

Цимерман: „Да. Грузија произлезе од поранешната истоимена советска република и со тоа и Абхазија и Јужна Осетија и‘ припаѓаат на независната држава Грузија. “

Тоа е меѓународно-правниот апсект. Но, мора да се каже дека Јужно-Осетијците на референдум веќе двапати се изјаснија за независност од Тбилиси. Значи ли тогаш дека тие, меѓународно правно, се обесправени кога се во прашање нивните сопствени интереси?

Цимерман: „Не. Секој народ има т.н. право на самоопределување. Тоа во прв ред се однесува на правото што ние го нарекуваме интерно самоопределување - заштита на малцинства, автономни права. Во основа нема право на сецесија, на отцепување. За право на сецесија може да се зборува во секој случај во екстремни ситуации, како доколку се заканува геноцид. Ваква ситуација, меѓутоа, во Јужна Осетија досега немало.“

Дали Јужно-Осетијците досега имаат такви автономни права?

Цимерман: „Проблемот е што Република Грузија, фактички никогаш не беше во состојба да го контролира регионот, но очигледно, според моите сознанија, искажала подготвеност да признае вакви автономни права во случај на ефективно повторно воспоставување на контролата во двата региони кои се во прашање.“

Во секој случај, од меѓународно-правен аспект, мора да се заклучи - Грузија дејствуваше исправно. Дали тоа важи и за избивањето на насилството? Грузија го има на своја страна меѓународното право. Значи, овој воен ангажман беше оправдан?

Цимерман: „Во основа, секоја држава има право на целосна контрола на својата територија. Би морало, во дадениот случај, да се провери, јас го немам документот, договорот меѓу Русија и грузија од 1992 година, со кој се создадени овие мировни трупи. Од тој договор би можело да произлегуваат определени обврски на однесување во определени случаи. Како што реков, јас тој договор го немам видено.“

Мировните трупи за кои зборувате, се создадени за релаксирање на конфликтната состојба уште во тоа време. Но, тоа воопшто не функционираше.

Цимерман: „Така е.“

Да ја погледнеме руската страна. Таа учествува во овој конфликт и тоа значително. Не станува збор само за Јужна Осетија и Грузија. Што е со вклучувањето на руската војска, оти военото насилство е големо? Дали е тоа, меѓународно-правно, целосно нелегитимно?

Цимерман: „Прво јасно е - Русија смееше да ги стационира мировните трупи од 500 војници. Инаку, една држава, во основа не смее да ангажира свои трупи на туѓа територија, освен ако не станува збор за посебен случај на самоодбрана или овластувања од страна на Советот за безбедност. Ваква ситуација во дадениот случај немаше.“

Професоре Цимерман, она за што зборуваме, се разбира, е сува теорија. Практично, мора едноставно да се каже дека во случај на дилема, за меѓународното право никој нема интерес.

Цимерман: „Стравувам дека е така. Но, не е невообичаено, така да се каже - да се кршат норми. Дури и во правото кое се применува и важи во рамки на една држава има ситуации на кршење на нормите. На моите студенти секогаш им го раскажувам примерот кога сенаторот за внатрешни работи на Хамбург, Хелмут Шмит, ја употртеби армијата во борба против поплавите во Хамбург. И, тоа е беше противзаконско, а сепак се случи. Значи, тоа што има прекршувања на меѓународното право, не значи автоматски и дека нема меѓународно право.“

Добро, случајов не може навистина да се спореди со војната на Кавказот. Но, да погледнеме уште еднаш натаму - секоја од страните, морално погледнато, вади многу тешки аргументи. Русија вели дека однесувањето на Грузија формално повикува на одмазда и го обвинува западот, кој барем тенденцијално, се стави на грузиска страна, дека покажува двоен морал. Имено, на примерот на Косово - тоа е всушност територија на Србија, но независноста беше дури и призната од страна на ЕУ. Што да се каже за ова?

Цимерман: „Прво, само 20 од 27 земји членки на ЕУ го признаа Косово како независна држава. Тоа е важно да се согледа. Второ, може да се појде можеби од екстремната положба во 1998/99 година, дека на Косово постоеше ситуација од видот на геноцид, така што избувна војна за отцепување на Косово, оти во тој момент постоеше исклучителен случај. Денес, не би пошол од тоа дека Косово има право на сецесија. откако Србија, исто како и Грузија, беше и е во основа подготвена да признае шриоки автономни права. Притоа, од моја точка на гледање мора да кажам - ниту Косово, ни Јужна Осетија немаат право на отцепување!“

А, сепак, двата случаи, како што ги опишавте, не можат навистина да се споредат?

Цимерман: „Денес мислам дека се споредливи. Во двата случаи територијалната држава е подготвена да даде автономни права. Може да се размисли дали тогаш, во 1998/99, за време на режимот на Милошевиќ и хуманитарната катастрофа која што се закануваше и екстремната неправедност кон Косово, дали тогаш постоело право на отцепување. Денес такво нешто нема.“

Дали Грузија имаше всушност можности, меѓународно-правно, подобро да ги оствари своите барања, отколку со вакво воено насилство? Дали постоеше пат да се направи барем обид за такво нешто на меѓународно ниво?

Цимерман: „Не. Меѓународното право нема централна инстанца која го спроведува. Замислено е во системот на ОН, тоа да биде Советот за безбедност. Но, сите ние знаеме дека во Советот за безбедност, поради добри причини, право на вето имаат 5 постојани членки, меѓу кои и руската федерација и дека Советот, како ефективен спроведувач на меѓународното право, овде не доаѓа предвид. А, други, така да се каже, можности, не постојат. Грузија би можела да се обиде уште посилно да придвижи други држави за да може да ги спроведе сопствените аспирации врз тие спорни региони. “