1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преку Атлантикот до олимпискиот Лондон

Златко Калински1 мај 2012

Ниту еден спортист од Македонија се’ уште нема исполнетo норма за учество на ЛОИ во Лондон. Пливачот Евгениј Поп Ацев е еден од кандидатите во поединечните спортови, кој ќе се обиде да обезбеди учество на Олимпијадата.

https://p.dw.com/p/14nSE
Фотографија: , DW

Во кругот од олимписки кандидати, кој се’ повеќе се стеснува, е и во моментов најдобриот македонски пливач-маратонец, Евгениј Поп Ацев. Има 23 години, дипломиран стоматолог е, и има завидно натпреварувачко искуство зад себе. Минатата сезона ја заврши на 3-то место во генералниот поредок од светската серија. Деновиве е преокупиран со олимписките сништа.

„Имам амбиција да настапам на Олимписките игри. Планирам да учествувам во квалификационата трка во Португалија. Оваа решавачка трка е на 10 јуни. Се надевам дека ќе ја исполнам нормата“.

Кој е пласманот, кој треба да го оствари Поп Ацев во водите на Атлантикот, за да биде дел од олимпиското далечинско пливање?

Logo: Olympische Ringe

„Првите десет места водат на Олимпијадата. Или да бидам најдобропласиран европски пливач. Значи, целта е да бидам меѓу првите 11-мина.“

Олимпиското далечинско пливање е на патека долга 10 километри. Поп Ацев е специјалист за класични делници од 30 километри. Три пати покусата патека е своевиден хендикеп, но тој вредно на тренинзите ја зголемува испливаната километража и брзината.

„Во моментов тренирам во Скопје на базенот во Карпош и на Олимпискиот базен. Имам десет тренинга во текот на неделата. На секој препливувам најмалку 6 километри. Оваа недела планирам да заминам во Сплит, на едномесечни подготовки со хрватскиот тим“.

Во Охрид најубаво се плива

Евгениј Поп Ацев е сукцесор на плејадата македонски маратонци со светска слава. Перманентно напредува на светската листа. Ужива во пливањето. Тренира, најчесто сам, патува со својот татко кој е лекар-стоматолог, семејството главно му ги обездува патувањата. Вели, секој маратон е различен и тежок, а најубаво се чувствува во водите на Охридското Езеро.

Ohrid 1
Фотографија: DW

„Секој маратон е различен. Секој има своја тежина. На маратоните во Аргентина проблем е што се плива во реки и водата е матна. Во Канада обично се студени водите. Секој маратонец индивидуално ги доживува трките. Мене најтешко ми е да пливам на маратонот во Сент Жен во Канада, бидејќи многу е студена водата. Најубаво и најинересно за пливање е секако во Охрид“.

Круна на кариерата-Ла Манш

Ако обезбеди олимписка виза, на патот за Лондон ќе го надлета Ла Манш. При погледот на култиот Канал, ќе заискри ли кај Евгениј Поп Ацев предизвикот да биде 5-от Македонец, кој ќе успее да стигне до францускиот брег ?

„Ла Манш секогаш бил посебен. За сите маратонци оваа трка е голем предизвик. Секој маратонец сака како дополнителен резултат во кариерата да го има и Ла Манш. И јас би сакал да го пливам Ла Манш, но треба најнапред да се соберат доволно пари, исто така треба добра подготовка за овој посебен потфат. Засега Ла Манш е само перспектива, која би ја реализирал во подоцнежните години. Ла Манш да биде круна на мојата кариера“, вели Евгениј Поп Ацев.