1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преку соработка до мултиетнички соживот

25 февруари 2011

Во Македонија невладиниот сектор и натаму најгласен поддржувач на мултиетничкиот соживот. Во Охрид заврши форумот „Унапредување на меѓуетничкиот дијалог во општините“. Одгласите се позитивни, а најзадоволни се најмладите

https://p.dw.com/p/10Ofu
Фотографија: Petr Stojanovski

Над десет години Македонскиот центар за граѓанско образование низ разни форми се обидува да го зачува и развива мултиетничкиот соживот во Македонија. Проектот за унапредување на меѓуетничкиот дијалог ги опфати општините: Струга, Маврово – Ростуше, Тетово, Куманово и Струмица. За само една година беа спроведени низа активности преку кои се почуствува пулсот на соживотот посебно меѓу основците од различен етникум кои комуницираа и се дружеа со цел да се запознаат, да ги препознаат другите, како нешто блиско и како можност за живот полн со спокој во локалната заедница, вели Тулаха Тахир, раководителка на проектот:

„Учениците заедно посетуваа институции од типот на: суд, болница, зоолошка градина и културно – историски објекти коишто за жал во редовната настава не ги посетиле. Така учениците и во своите градови за првпат видоа амам, во Тетово на пример го запознаа значењето на мостот. Посетуваа и верски објекти во мултиетнички групи“.

Сакам да се дружам со Албанци, да учам турски ора, да помагам

Mazedonien Tulaha Tahir Projektmanagerin
Раководителката на проектот Тулаха ТахирФотографија: Milco Jovanoski

Проектот од стартот бил прифатен од општините, училиштата, наставниот кадар. Но, највисоките оценки дојдоа токму од ученците. Наместо планираните 600 во проектот се вклучиле вкупно 1399 ученици, ни потврди Тахир:

„Деведест и пет проценти од учениците беа задоволни и бараа уште. Тие велеа: сакам да се дружам со Албанци, сакам да учам турски ора, сакам да помогнам. Останатите пет проценти не одговорија негативно, туку побараа да се дружат, ама наредниот пат преку различни активности. Ова за нас преставува огромен резултат“.

Наместо свирежи – аплаузи !

Резултатите ни даваат за право да истраеме во градењето на мултикултурниот соживот пред се меѓу наставниците и на тие вредности да ги воспитуваме младите генерации, ни рече Ирена Размоска, професор во Основното училиште „Браќа Миладиновци “ од Струга – партнер на проектот:

„За да соберам ученици Албанци, Турци ... морам да соработувам со моите колеги. Видливо е подбрувањето во комуникацијата помеѓу учениците. Претходно се случуваше на претставите да се исвиркуваат меѓусебно, а сега кога настапивме заедно, кога учениците Македонци, Албанци и Турци отпеаја песни на трите јазици – добија аплаузи од сите присутни. Мислам дека тоа не’ води кон подобрување, зближување и рушење на предрасудите кои се основа за нивното идно живеење во Струга“.

Mazedonien Schüler Grundschule Brakja Miladinovci
Полуматурантите- учесници во проектотФотографија: Milco Jovanoski

Предрасудите да станат минато

Сонер, Ехри, Христијан и Теодора се полуматуранти и беа дел од проектот „Наша Струга“. На мал одмор – искрено рекоа:

„Се дружевме со македонски, албански и со деца од нашите турски паралелки. Добро е кога се познаваш со сите и имаш повеќе другари. Пеевме заедно „На Струга дуќан да имам “ , „Рока мандолина “ и други. Беше интересно да се запознаеме, досега немавме прилика да се запознаеме. Не контактиравме од разни причини – најмногу од страв. Неколку пати имавме заеднички спортски активности, излегувавме заедно, се запознавме и продолживме да се дружиме. Се чувствуваме еднакви, имаме исти задачи и интереси“. Проектот беше финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и сорабтока .

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Борис Георгиевски