1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прелогот на Ахтисари за Косово ќе биде претставен на 2 февруари

Тони Гламчевски24 јануари 2007

Специјалниот пратеник на ОН за Косово, Марти Ахтисари денеска во Стразбур потврди дека на 2 фебруари ќе го претстави предлог за иднината на покраината. Тој рече дека неговото решение ќе биде фер и избалансирано. Во меѓувреме во Советот се разви жестока дебата околу нацрт резолуцијата на Лорд Расел Џонсон, кој смета дека независноста на Косово е решението за траен мир во регионот.

https://p.dw.com/p/Abzs
Марти Ахтисари зборуваше пред Советот на Европа
Марти Ахтисари зборуваше пред Советот на ЕвропаФотографија: AP

За да ставот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа биде официјален треба најпрво да биде усвоен. Ако помине вака предложената резолуција на советодавниот орган на организацијата во која членуваат 46 земји од целиот европски континент, пред да се изјасни за тоа Советот за безбедност тоа ќе биде без преседан. Но тоа нема да биде лесно „Морам да ви кажам дека нашата група е поделена“, призна Луи Мариа де Пуч, претседаелот на групата на социјалистите. Слично како што е поделено и самото собрание.

Треба да се знае дека Советот на Европа не е вклучен во преговорите кои се водат под покровителство на меѓународната организација за идниот статус на Косово.

Пред парламентарците, специјалниот пратеник Марти Ахтисари, нагласи дека меѓународната заедница треба да го задржи цивилното и военото присуство на Косово „Мојот предлог за решавање на статустот на Косово е силно фокусиран на заштитата на правата на малцинствата“, додаде Ахтисари.

Рускиот пратеник Константин Косачов во дебатата се закани: „Ако Собранието ја поддржи резолуцијата во која се споменува давање независност на Косово со одредени услови, руската делегација нема да ја поддржи резолуцијата во целост.“

Пред Парламентарното Собрание на Советот на Европа зборуваше и премиерот на Грција Костас Караманлис, кој ја потенцира позитивната улога на неговата земја во стабилизацијата на своите соседи од Балканот.

За проблемот со името тој очекува одговор од македонската страна. На прашањето на македонската парламентарка Илинка Митрева, „ Дали се согласувате дека е потребно да се најдеме рационално решение за нерационалниот и наметнат проблем со името?“

Караманлис одговори: „Јас сум Македонец и други два пол милиони Грци се Македонци и поради тоа прашањето не може да се гледа на унилатерален начин. Ние сме обврзани со две специфични обврски – една од нив е времената спогодба и другата се условите врз кои почива Европската унија.

Понатаму Караманлис подвлече дека процесот за влез на Македонија во ЕУ условува да се изнајде заедничко решение прифатливо за двете страни. Тој го повтори грчкиот став, дека Грција од своја страна направила се’ и сега тоа го очекува и од другата страна. Но, за жал тоа до сега не е направено, констатира Караманлис.

Инаку пред доаѓањето на Караманлис во Стразбур новинарите од Македонија доживеале изнеднадување. Двегодишната пракса, на нивните места во прес центарот да стои македонското знаме и името на државата била укината. Македонските симболи биле отстранети, а донесените ознаки со ФИРОМ македонските новинари не ги прифатиле и официјално протестирале. Генералниот секретар, Тери Дејвис дури денеска изјави дека Македонија е примена во Советот на Европа под референцата ФИРОМ и се додека ОН не го признаат официјалното име не може да се промени ставот кон тоа прашање. Сепак од одделот за комуникации дошло извинување за начинот на кој тоа било изведено.