1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преобразбата на Обама

Бенџамин Најт/Симе Недевски16 август 2013

Ставовите на Барак Обама за државнот надзор и шпионирањето драматично се променија откако стана претседател. Сега едно здружение за истражувачко новинарство ја анализираше трансформацијата на Обама.

https://p.dw.com/p/19QZQ
Фотографија: Reuters

Непрофитната редакција од Њујорк „Пропублика“, ги собра сите јавни информации за тоа како ставот на Обама за шпионирањето стана посуров откако во 2009. година беше именуван за претседател на САД. Оваа организација, која се занимава со истражувачко новинарство „во име на јавниот интерес“, открива дека само неколку години пред изборот за претседател на САД, додека сѐ уште бил сенатор на државата Илиноис, Барак Обама поддржал грст закони кои за цел имале да ја ограничат моќта на Националната безбедносна агенција (НСА).

Пет години подоцна, откривањето на тајни од страна на поранешниот соработник во НСА, Едвард Сноуден, во потполност ја преврте дебатата. Долниот дом на американскиот Конгрес прописно предложи амандман кој би наметнал слични ограничувања, но Обама го спречи неговото усвојување. Тоа беше многу очигледен пресврт, но претседателот го оспори прашањето кое му е поставено на конференцијата за медиуми за „еволуцијата“ на неговиот став за програмите на НСА. „Не го сменив својот став за моменталните програми“, тврдеше Обама, пред да додаде, дека откако станал претседател ги оценувал државните програми за надзор и добил повеќе увид во нив, па сега верува дека е „важно да се задржат“.

Кара Брандејски, авторка на текстот на интернет-страницта на „Пропублика“, организацијата која се занимава со истражувачко новинарство „во име на јавниот интерес“, истакнува дека промената на расположението на Обама, секако, е видлива во јавно достапните информации, но дека последиците на тие промени не биле јасни пред откритијата на Сноуден. „Поддржувачите на Обама беа лути кога тој на почетокот го смени ставот за предлог законот за шпионирање во 2008. година, додека беше претседателски кандидат. Сега знаеме дека предлогот во меѓувреме стана закон кој исто така ја одобрува програмата 'Призма’“, вели Брандејски.

Пресврти

Промените на ставот на Обама, вкупно седум, „Пропублика“ детално ги набројува. Како сенатор, претседателот сакал да го ограничи обемното количество информации која ги собира НСА. „Со тој предлог закон би се барало владата да докаже дека бара информации за одредени 'сомнителни субјекти на странски сили', а не информации за Американците. Мислам дека тоа е најупадлив пресврт досега“, оценува Брандејски.

Symbolbild Überwachung Internet Spionage Kabel
Фотографија: Fotolia/kubais

Слично на тоа, во 2007. година, Обама беше во групата законодавци која се обиде да ги натера државните собирачи на информации да бараат судски налог за собирање пораки кои Американците си ги праќаат меѓусебно на териоторијата на САД. Тој амандман не успеа да добие поддршка од Сенатот, поради што можеби Обама бил среќен кога стапи на функцијата претседател. Тој подоцна јавно ја поддржа програмата „Призма“ која спроведува такви операции.

Другите амандмани кои Обама го поддржа како сенатор, а кои ги отфрли како претседател, вклучувајќи го и симнувањето на ознаката доверливо од документите, се давањето можност на обвинетиот да бара испитување на државниот надзор, како и принудувањето на извршните органи на власта мерките на шпионирање да ги пријавуваат на Конгресот.

Обама - политички затвореник

Edward Snowden
Едвард СноуденФотографија: picture-alliance/AP

Џефри Честер, извршен директор на Центарот за дигитална демократија, невладина организација од Вашингтон која се занимава со дигиталните права, може да ја разбере дилемата на претседателот. „Мислам дека тој е под невиден притисок, како на своите критичари, така и на воените и разузнувачки структурри- Пентагон и НСА. Мислам дека тој сфати оти можноста да се најде терористичка игла во пласт сено натежнува над граѓанските слободи“, вели Честер.

Според него, „еволуцијата“ на ставот на Обама била речиси неизбежна. „За Обама е многу посигурно политички да остане на страната на воените структури. Тој не сака да им дава никакви политички оружја на своите противници, а ми изгледа дека и тој гледа полза од таквиот вид надзор“.

Меѓутоа Дру Митник од организацијата за дигитални права „Пристапи сега“ не му простува на Обама толку лесно: „Една од ирониите е дека тој беше заговорник на бројни реформи кои ги поддржува нашата организација. Тоа беа работи врз кои ја засноваше својата кампања, а да не спомнувам дека беше и професор по уставно право пред да стане претседател“ , укажува Митник.

За Џефри Честер тоа не е ништо повеќе од политичка равенка: „Обама направил пресметка дека програмата на НСА се исплатува и оти награда за сето тоа е можна превенција на терористички напади. Искрено мислам дека тој е политички затвореник на воените и разузнувачките структури“.

Неспособност на Конгресот

NSA-Zentrale in Maryland
Централата на НСА во американската сојузна држава МерилендФотографија: picture-alliance/dpa

Поради очигледни причини Конгресот на САД е во неповолна позиција да предлага амандмани во врска со националната безбедност, бидејќи претседателот е несомнено подобро информиран од просечен сенатор. Сепак, како што истакнува Кара Брандејски, тоа е само од проблемите кои испливале на површина по откритијата на Сноуден: „Членовите на Конгресот се жалеа дека не биле доволно известени за програмите на НСА. Бидејќи многу нешта стојат под шифрата 'строго доверливо', законодавците имаат ограничени можности јавно да расправаат за тие проблеми“.

Прашањето на надзорот едноставно не беше политичко прашање пред откритијата на Сноуден, а Митник е многу оптимистичен дека ќе се случат промени: „Политичкиот разговор се промени! Мислам дека сега има поголема веројатност да се случат некакви промени“. Џеф Честер е задоволен поради тоа што ова прашање сега е многу повеќе пред очите на јавноста: „Многу е тешко да се постигне рамнотежа и ние овде гледаме тековен судир. Но тоа е извонредно - сега имено имаме расправа за тоа“.