1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преродба на дијалектот на егејските Македонци

Нада Штајнман 29 август 2007

Зошто во светот малку се знае за Егејците? Зошто Грција стравува од отворањето на ова прашање? На прашањата одговара доктор Кристијан Фос, професор по јужнословенски јазици и културолошки студии на универзитетот Берлин.

https://p.dw.com/p/BZDF
Хумболт универзитетот во БерлинФотографија: picture-alliance/ ZB

ДВ: Деновиве кога Грција доживува тешка катастрофа со пожарите, Македонија испрати помош од 60 пожарникари и 3 противпожарни возила, кои на грчката граница беа вратени назад. Грчката влада се заблагодари, но не ја прифати помошта. Ова покажува дека меѓу Македонија и Грција односите се’ уште не се средени и оти нерешените проблеми, посебно сега, непосредно пред изборите во Грција, повторно испливуваат на површина. Зошто спорот меѓу двете земји трае толку долго, кога знаеме дека економските односи се посебно добри?

Кристијан Фос: Проблемите во билатералните односи, по прогласувањето независност на Македонија и присвојувањето на името “Македонија”, се во тесна врска со проблемот на едно малцинство во грчката држава, кој со децении беше потиснуван и табуизиран. Според мое мислење, возбудата во спорот со Република Македонија околу знамето и името доаѓа од таму, што постои големо малцинство во Северна Грција, односно во Македонија, во областа меѓу Костур и Драма на исток, кое никогаш не ги остварило своите малцински права и не е официјално признато. Крајот на Југославија во 1991-ва година ги става под притисок Грците да се соочат со сопственото минато. Тие беа навикнати поимот Македонија да го користат само во регионална смисла за северно-грчката провинција и сосема заборавија дека во контекст на социјалистичка Југославија од 1944-та година постои Република Македонија. На времето никој не се возбудувал поради тоа, така што денешната врева околу ова не делува сосема веродостојно.

Според Ваше мислење, господине Фос, колкав е бројот на Македонците во северна Грција. Какви се проценките?

Ние имаме статистички податоци од почетокот на 20-от век и знаеме дека регионот бил погоден од големи демографски промени. Да појаснам... Регионот Егејска Македонија на почетокот на 20-от век имаше 1,2 милиони жители и знаеме дека 30 до 40 проценти говореле словенски. Тоа значи дека имало 400 до 500 000 Словени во подрачјето на денешна Егејска Македонија, кое во 1912 – 13-та година со Балканските војни и’ припадна на Грција. Тогаш дојде до голема размена на население со Бугарија и со Турција, така што сите Муслимани мораа да ја напуштат земјата, а Грција сосем целно населуваше во Македонија грчко национално население, односно бегалци од Турција, за да го промени составот на населението и да донесе лојално грчко население. Третиот голем бран на преселби се случува во Втората светска војна и во грчката граѓанска војна од 1946-та до ’49-та година, кога голем број словенско население и’ се приклучува на комунистичката армија, се бори за комунистичка Грција и добива помош од Титова Југославија. Кога Тито во ’49-та година се дистанцира од Сталин и му беше потребна помош од Черчил и од Запад, тој ја прекина подршката и тоа е причина што таа година дојде до катастрофален крај на комунистичката армија и неколку илјади борци мораа да побегнат во земјите на источниот блок. Ова е трето бегалско движење од Егејска Македонија и тоа е најангажирано се’ до денес. Бегалците кои побегнаа во Чешка, Албанија, Узбекистан, Полска, ГДР имаат изразена македонска национална свест и по прогласувањето на независноста се обидуваат политички да ги спроведат своите права и нивните барања да станат дел од политичката агенда на македонската држава. Станува збор за возрасни луѓе, борци во комунистичката армија, но и за таканаречените деца -бегалци. Овој поим е противречен, зашто вели деца-бегалци. Но, во прашање се деца и младинци, кои за време на војната од завојувните подрачја биле присилно испратени во земји на источниот блок. Овие луѓе се’ до денес имаат големи проблеми да дојдат во Грција и на краток одмор. Тоа е дополнителен проблем во областа на почитувањето на човековите и малцинските права во Северна Грција.

Неодамна во Стразбур токму беше укажано на оваа проблематика. Се знае дека грчката влада се’ до денес не ја спречи дискриминацијата на ова малцинство. Во Стразбур беа побарани нови закони за негова заштита, а исто така и за враќање на бегалците. Според проценките, станува збор за 40.000 бегалци кои од европските и од прекуокенаските земји би се вратиле во Грција. Според Ваше мислење, господине Фос, дали по сите овие ангажмани на европските институции Грција стана посензибилна?

Ми се чини да. Има некакво придвижување и се спроведува политика на мали чекори. Во 2003-та година за прв пат имаше големо колективно преминување на границата од страна на бегалците. Тука да спомнам дека не беа само Словени и Македонци кои бегаа, туку и Грци кои се бореа на страна на комунистите. Во 1981-ва Андреас Папандреу воведе полиберална политика. Куриозитетот беше во тоа што Папандреу рече дека грчките комунистички ветерани ќе бидат рехабилитирани, а другите не. Со тоа Грција де факто призна дека има Словени меѓу населението и со таквиот чекор тоа и правно го потврди. Оваа регулатива, која на грчки се вика “Еленас стојенос”, што значи дека само етничките Грци можат да се вратат, се применува се’ до денес, така што на формуларите се бара, покрај националноста, да се пријави и етничката припадност, што во една модерна држава не би требало да постои. Етничката припадност не би требала да игра улога. Оние кои пишуваат дека се Македонци, односно Словени, тие неможат да влезат во Грција.

Дали Македонците кои живеат во Егејска Македонија, по ангажманот на организацијата Виножито и на мегународните фактори, денес уживаат поголеми права?

Постојат разлики. Во подрачја во близина на границата кон Битола, во регионот на Лерин, каде населението кое говори словенски е во мнозинство, има полиберална клима. Но, во подрачјата на исток има голема нетолеранција. Официјално и правно погледнато, малцинството нема никакви колективни права затоа што не е признато. Грција не признава никаква етничка разноликост на својата териоторија. Значи, постои голема потреба тоа да се промени. Населението, меѓутоа, во голем дел повеќе не се плаши да говори на својот македонски дијалект. Токму во Лерин доживуваме преродба, која се забележува пред се’ кај младите луѓе кои се интересираат за старата музика, организираат прослави и канат музички групи од Македонија. Се забележуваат траги на либерализација, но сепак тоа ни оддалеку не е доволно за да се исполнат критериумите во рамките на европската политика за заштита на јазиците на малцинствата.

Што предлагате Вие, како добар познавач на проблематиката, за решавање на овој јазичен проблем?

Овде станува збор за малцинство на кое со децении му се наметнуваше дека неговиот словенски, односно македонски дијалект е нешто безвредно, нешто циганско, што нема граматика и за што треба да се срами. Ако на едно малцинство му се раскажува вакво нешто со децении, тогаш на крајот започнува и самото да верува во тоа и ја прифаќа стигмата. Тоа е честа појава кај малцинствата во Европа и тоа е нормално ако јазикот не е престижен. Во таков случај е тешко припадниците на малцинството да се уверат во тоа дека нивниот дијалект, што дотогаш никогаш не го виделе напишан на хартија, со помош на граматика може да се користи за написи во весници и книги. Но, во меѓувреме, пред се’ луѓето од Лерин имаат контакти со Република Македонија и дознаваат дека постои стандарден македонски јазик. Но, таквиот јазик тие не го разбираат целосно затоа што содржи меѓународни, латински зборови, но и српско влијание од југословенското време, што не им се познати. Природно е дијалектот да се разликува од официјалниот јазик. Но Македонците од Грција чувствуваат дека јазикот е многу близок до нивниот дијалект, и иако тие со децении слушале дека нивниот дијалект не вреди ништо, сега забележуваат дека тоа не е точно. Сфаќаат дека тоа е нивниот јазик што бил дооформен и започнуваат да слушаат вести и музички емисии од Република Македонија. Не сите, но голем број се љубопитни и сакаат што повеќе да слушаат на тој јазик. Во тој контекст партијата на Македониците во Грција, заедно со бриселското биро за заштита на јазици, организира нова публикација на учебник од ’20- тите години. Многу е интересно што во тоа време Заедницата на народите, со оглед на големото словенско малцинство во Грција, за прв пат бара да се реализираат неговите колективни права, што значи и настава на мајчин јазик.

За каков учебник станува збор? Зошто учебникот од ’20-тите години сега повтоорно се објавува? Со каква цел е направен овој чекор?

Политичкиот контекст е заштита на малцинствата. По Првата светска војна постои сичлна свест дека по пропаѓањето на Хабзбуршката монархија и на Османлиското царство беа создадени национални држави кои имаат големи малцинства. Заедницата на народите во Женева се заложи за признавање на колективните малцински права, како и за заштита на јазикот. Така Грција била присилена да издаде учебник кој ќе се користи во подрачјата каде живее малцинството. Книгата е подготвена и издадена во 1925-та година, и, за да се избегне бугарското влијание, книгата е напишана на латиница. Станува збор за учебник за прво оделение со кратки реченици, наменет да се научи азбуката и различните словенски гласови кои се разликуваат од грчките, како на пример ш, џ , ч... Но, учебникот никогаш не беше вистински употребуван затоа што Бугарија протестираше. Бугарија интервенираше со тврдење: ова словенско малцинство е наше и не дозволуваме да се образува на латиница. За Грците, кои и без тоа не сакаа ваква заштита на малцинствата, тоа беше добредојдено. На тој начин проектот падна во заборав и учебникот од 1925-та година никогаш не беше користен. Но, интересно е тоа што во ’20-тите години, што се однесува до заштитата на малцинските права на Балканот, се правело многу повеќе отколку денес. Од тие причини некои кругови во Северна Грција со сопствени средства во 2006-та година во Солун повторно ја издаваат книгата. Учебникот, кој на крајот има и дел со официјален македонски јазик на кирилица како буквар за првоодделенци, е објавен со убав вовед на македонски, грчки и англиски. Книгата од 1925 година е напишана на многу автентичен дијалект. Еве неколку примери:

„Госпо је на небето. Госпо сите луѓе и милват Госпо вирни дож и пушчат синцето на земнјата. Бога праи да расти тревата, сфеќинјата, дирвата и јемисите. Јас одам со радос на сколиа. На сколиа се молиме на Госпо. Даскало не учи да зборваме, пеиме, да пишиме, да броиме и да играме. Арните деца слагат и Даскало и фали Даскало ни кажват многу убаи работи.“

Јазикот е многу сличен на официјалниот македонски јазик, нели е така?

Да, сосема е јасно дека е така. Дијалектите од Лерин повеќе се подлога за официјалниот македонски јазик, отколку дијалектите од Скопје. Македонскиот стандарден јазик почива врз дијалектите од Прилеп, Велес и Битола, а јазикот од Лерин е многу сличен на нив.